Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Проја со праз и сирење
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – проја со праз и сирење.
– Мека, ронлива и богата со вкус, оваа проја добива посебен шмек од празот/свежите перца на младите кромитчиња. Во оваа верзија е подготвена со козјо сирење, но може да ја приспособите според вашиот вкус – со ајвар, маслинки или едноставно само со сирење. Трикот за совршена текстура е постепено додавање на брашното за да се добие густа, но течна смеса. Така пројата останува мека и наредниот ден. Дополнително, за поубава и поронлива структура, пченкарното брашно може да се замени со палента – идеално решение за оние што сакаат полесна текстура – порачува Бобе.

Состојки:
– 3 јајца
– 200 мл јогурт или млеко
– 200 мл кисела вода
– 150 мл масло
– 1 прашок за печиво
– 1 мала лажичка сол
– 20 големи лажици пченкарно брашно или палента
– 10 големи лажици бело брашно
– 200 грама сирење (ронки)
– 1 праз или перца од 3 млади кромитчиња

Подготовка:
Во длабок сад изматете ги јајцата. Додајте ги јогуртот (или млекото), киселата вода и маслото и добро измешајте. Посебно измешајте ги двата вида брашно со прашокот за печиво и солта, па постепено додавајте ги во течната смеса. Мешајте со маталка додека добиете густа, но течна смеса. Додајте ги ситно сечканиот праз или перца од кромитчињата и ронките сирење, па нежно соединете.
Сипете ја смесата во намастена и со презла посипана тепсија. Печете во загреана рерна на 220 степени околу 20 минути, додека добие златна боја.
На здравје!



