Пирамидите во Гиза / Фото: Pexels / Murat Şahin

Дали се прашувате како била изградена Големата пирамида во Гиза? Научник тврди дека методот бил генијален

Начинот на кој древните Египќани ја изградиле Големата пирамида во Гиза без современи машини и технологија со децении ги фасцинира и збунува научниците. Сега, ново истражување нуди можно решение за една од најголемите археолошки мистерии во светот.

Истражувачот Висенте Луис Росел Роиг во научното списание „Нејчр“ претставил математички докази според кои камените блокови биле пренесувани со помош на генијален систем од спирални внатрешни рампи.

Големата пирамида во Гиза, најголемата египетска пирамида, била изградена околу 2560 година пред нашата ера како гробница на фараонот Куфу. Се проценува дека содржи околу 2,3 милиони камени блокови, од кои секој тежел меѓу 2,5 и 15 тони.

За пирамидата да биде завршена во текот на 27-годишното владеење на Куфу, работниците требало во просек да поставуваат по еден блок на секои три минути. Токму тоа со години ги поттикнуваше дебатите меѓу научниците за тоа како ваков грандиозен проект бил реализиран во толку краток период.

Старите теории не ги дадоа сите одговори

Една од најпознатите теории претпоставуваше дека биле користени огромни надворешни рампи по кои блоковите биле влечени до врвот на пирамидата. Но, таквите рампи би барале огромни количества дополнителен материјал, а археолозите никогаш не пронашле убедливи докази за нивното постоење.

Друга хипотеза тврдеше дека низ внатрешноста на пирамидата била изградена единствена спирална рампа, која постепено се искачувала нагоре. Сепак, математичките пресметки на Росел Роиг покажале дека со таков систем изградбата би траела речиси 50 години – многу подолго од историскиот период во кој пирамидата била завршена.

Четири рампи наместо една

Според новиот модел, четири вдлабнати рампи истовремено се движеле спирално околу пирамидата, при што секоја започнувала од различна точка во основата. По завршувањето на главната конструкција, рампите можеле да бидат пополнети и целосно сокриени во структурата.

Компјутерската симулација покажала дека токму овој систем би овозможил пирамидата да биде изградена во рок од 27 години.

„Ова е многу интересно објаснување за изградбата на пирамидата“, изјавил египтологот д-р Роланд Енмарш од Универзитетот во Ливерпул.

Тој нагласил дека теоријата ќе мора да биде потврдена со дополнителни докази и скенирања на внатрешната структура на пирамидата, но оценил дека објаснувањето изгледа мошне веродостојно.

„Големата пирамида во Гиза не беше ниту првата ниту последната египетска пирамида, па ова откритие би можело да помогне и во разбирањето на начинот на кој биле изградени и другите пирамиди“, додал Енмарш.

ФОТО | Неверојатно откритие во Египет – делови од „Илијадата“ пронајдени во мумија стара 1.600 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот