ВИДЕО | Американка побарала развод, а сопругот ѝ одговорил со багер — почнал да ја руши куќата додека семејството било внатре
Rазводот е едно од најтешките животни искуства, но 48-годишниот Ерик Пјервша од Бафало Тауншип во американската сојузна држава Пенсилванија решил да реагира на начин што сега го доведе пред суд, пишува „Вајс“.
Препорачано
Според локалните медиуми, Пјервша се соочува со повеќе кривични обвиненија откако наводно се качил во градежен багер и почнал да ја урива сопствената куќа по расправија со сопругата, која поднела барање за развод. Во моментот на инцидентот, во домот биле неговата сопруга и нивните две ќерки.
Според кривичната пријава, Пјервша таа вечер консумирал алкохол. Во текот на расправијата наводно ѝ рекол на сопругата: „Ако е готово, ќе ја урнам куќата“. Потоа се качил во багерот и почнал да го руши задниот дел од објектот, додека членовите на неговото семејство повикувале полиција. Звуците од уривањето јасно се слушале и за време на повикот на бројот за итни случаи.
За среќа, никој не бил повреден.
Откако завршил со рушењето, Пјервша наводно се вратил во куќата, ја земал својата спортска торба и заминал во градот, каде што подоцна бил приведен од полицијата.
Тој моментално се наоѓа во затворот во округот Батлер со кауција од 10.000 долари. Против него се поднесени обвиненија за предизвикување катастрофа, три точки за безобѕирно загрозување на други лица и нарушување на јавниот ред и мир.
Истражителите велат дека, иако однадвор штетата можеби не изгледа целосно катастрофална, носечката конструкција на куќата е толку сериозно оштетена што најверојатно целиот објект ќе мора да биде урнат.
Со својот потег, Пјервша можеби си создал дополнителни проблеми и во бракоразводната постапка. Имотот што го оштетил бил заеднички брачен имот, а уништувањето на куќата непосредно по дознавањето за барањето за развод тешко дека ќе му оди во прилог пред семејниот суд.
Според судските записи, засега нема податоци дека Пјервша има ангажирано адвокат.
ВИДЕО | Кој ќе победи, Јапонија или оваа неверојатно паметна и агресивна мечка?


