Драган Б. Костиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Ништо повеќе од здравје, семејство и професија што ја сакам“: Вака зборуваше легендарниот Драган Б. Костиќ, кој денес ќе наполнеше 76 години

Да беше жив, легендарниот Драган Б. Костиќ денес ќе наполнеше 76 години. Легендарниот радиски и телевизиски новинар е роден на 10 јуни во 1950 година, а во вечноста замина на 20 декември во 2025, по кусо боледување.

Целиот свој живот го посвети на радио емисиите „Заборави ако можеш“, „Диско селектор“, а подоцна и „Кавервил“, едуцирајќи многу генерации за добра и квалитетна музика. Многумина со право го нарекуваа музичка енциклопедија.

Својата долгогодишна и влијателна кариера ја изгради во Македонското радио, каде остави длабока трага во домашната радиофонија. Најшироко е познат како автор и водител на култните емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.

Фото: Драган Б. Костиќ

„Диско селектор“, кој започна со емитување на 29 јуни 1974 година, со децении беше музички репер за неколку генерации слушатели. Емисијата „Заборави ако можеш“ стартуваше во 1991 година и до 2013 година го достигна своето 4.500-то издание.

По повод 30-годишнината од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, која собра околу 6.500 посетители и остана запаметена како еден од најмасовните музички настани од тој тип.

Тој е автор и на други популарни радио-формати како „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Познат беше и како исклучителен колекционер на музика, со колекција од над еден милион аудио записи, една од најголемите во регионот.

Фото: Драган Б. Костиќ

Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на телевизија 24, која се емитуваше во две сезони.

Во едно видеоинтервју за „Слободен печат“, тој носталгично се присети на златното време на радиоемисиите кои ги одбележа со својот глас.

„Ти цел ден чекаш четврток и држиш два прста на касетофон да снимиш најнова музика која е во овој момент во Англија, и таман ти оди песната, а јас имам џингл „Диско селектор“ и среде песната кога ќе го залепат џинглот и не можеш да се фалиш дека е твоја музика, ти велат „Си ја симнал од радио“… А, уживаа илјадници луѓе во неа. Таа беше едукативна, информативна, забавна, во секој поглед претставуваше музика која не можеше лесно да се набави, затоа што немаше време да седиш на Јутјуб, а јас сум тој кој треба за тебе да ја наоѓа и да ти ја претстави“, рече Костиќ.

Фото: Драган Б. Костиќ

Тој беше посветен дедо, татко на Елена и на Бане и вљубен во својата Иванка.

Радио брендот „Диско селектор“ на легендарниот музички новинар, радио и ТВ-водител и диџеј продолжи да живее преку социјалните мрежи и веб-страницата, рекоа неговото семејство и соработниците.

В0 2024 година, за неговиот роденден, Костиќ на Фејсбук објави слика со внуците и напиша:

„Човек посакува здравје, семејство, професија која ја сака, добри пријатели, во подлабока возраст, внуци… Ако сето тоа го имаш на својата животна сметка, што повеќе би посакал? Ништо особено, сè што ме прави среќен, исполнет, задоволен од наброеното е тука околу мене. ЈАС. И мојот подмладок, внуците Андреј, Ива и Николај“.

 

Инаку, во пресрет на претстојното Светско првенство, музичката платформа „Диско селектор“ на својата фејсбук-страница започна специјален тематски серијал посветен на најпознатите фудбалски песни и химни кои низ годините успеале да се пласираат на Официјална британска листа на синглови, една од најрелевантните музички топ-листи во светот.

Во рамки на овој проект, во наредниот период ќе бидат претставени приказните зад најголемите фудбалски хитови – од легендарните навивачки химни на Англија, Шкотска и Ирска, до официјалните песни на Светските и Европските првенства.

Преку серија објави, љубителите на музиката и спортот ќе имаат можност да дознаат повеќе за настанувањето, успехот и влијанието на песни како „Three Lions“, „World in Motion“, „Vindaloo“, „Back Home“, „Waka Waka“, „La Copa de la Vida“, „Força“, „Un’estate Italiana“ и многу други композиции кои оставиле значајна трага и во музичката и во фудбалската историја.

Драган Б. Костиќ / Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Покрај податоците за нивниот успех на британските топ-листи, ќе бидат обработени и интересни факти, анегдоти и приказни поврзани со нивното создавање, како и нивната улога во градењето на фудбалската култура и навивачката традиција.

Со овој серијал, „Диско селектор“ има за цел да ја доближи богатата историја на фудбалската музика до домашната публика и да понуди поинаков поглед кон врската меѓу спортот и популарната музика.

Сите заинтересирани можат да ги следат објавите на официјалната фејсбук-страница на „Диско селектор“, каде во периодот што следува ќе бидат објавени сите приказни посветени на најголемите фудбалски химни и песни што биле дел од британските музички листи.

ГАЛЕРИЈА | Драган Б. Костиќ – Најпрепознатливиот радиоглас што со децении ја обликуваше нашата музичка култура

Интервју со Драган Б. Костиќ: „Диско селектор“ не доби никакво јавно признание како најстара музичка емисија во Европа со 40 години стаж

Митови и факти ЕП 17 | Драган Б. Костиќ: Југославија беше трета музичка сила во Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот