Како Македонци градат успешен глобален бренд, со работа од дома – разговор со тимот на FitKit
Компанија без канцеларија и без заедничко утринско кафе која за неполни десет години прерасна во една од најпрепознатливите велнес-платформи во регионот, со тим расфрлан низ неколку држави…
Препорачано
Го опишавме „Фиткит“ (FitKit), македонски стартап што во јуни 2017 година се роди барајќи го одговорот на едно едноставно прашање: зошто човек да плаќа повеќе различни членарини за фитнес активности истовремено, кога сите тие услуги би можеле да се соберат на едно место? Од тој прв прототип, замислен за поединци кои не сакаат да се врзуваат за една теретана или едно студио, денес платформата брои илјадници корисници кои користат уште толку активности, од фитнес и функционални тренинзи, преку спа и масажи, сè до разговори со лиценцирани психолози. Подетално за апликацијата која е бесплатна за преземање на Гугл плеј стор (Google Play Store) и Ејпл стор (Apple Store), пишувавме тука.
Зад бројките стои приказна која за да биде успешна, надминала предизвици кои се неизбежни за раст. Минатата година, дознаваме, била најпредизвикувачка, но и најплодна досега: тимот нагло се зголемил, апликацијата стана меѓународна, се вложиле рекордни средства во развој на платформата, а и самиот основач, поради лични причини врзани со здравјето на неговото семејство, се преселил во Италија. Со други зборови, компанијата што нè учи како да се грижиме за рамнотежата во животот, истата таа година ја поминала тестирајќи ја сопствената издржливост.
Но можеби најинтересното кај FitKit е начинот на кој функционираат. Целиот тим работи целосно од дома, или, како што велат во корпоративните кругови, remote. Никој не седи во иста просторија, освен по неколку пати месечно кога тенденциозно ќе се соберат да работат заедно. Философијата зад тоа, како што ни откри првиот човек, Јосиф, е што работата на далечина создава самостојни и одговорни луѓе, ги издвојува оние што не сакаат да се ангажираат, и остава простор за креативност и длабоко размислување на тимот без постојани прекини. Токму затоа, имаат јасно дефиниран профил кога се прошируваат: бараат самоиницијативност, брзина и отчетност.
И додека ги слушавме нивните одговори, постојано искрснуваа мали детали што откриваат каков тип на луѓе се тие. Петмина од тимот се родители, што значи дека жонглирањето меѓу старт-ап темпо и семеен живот им е секојдневие. Имаат особено интересни податоци, како на пример, сопствениците на „ајфон” (iPhone) се за 36% поактивни од оние со „андроид” (Android), или дека мажите вежбаат речиси двојно почесто од жените. А на прашањето дали и самите ја користат сопствената апликација, одговорот беше едногласен и без двоумење: „религиозно“.
Во продолжение, разговаравме со целиот тим на „Фиткит“ за тоа како навистина изгледа да се гради успешна македонска компанија дома и во странство без канцеларија, но очигледно не и без чувство за заедница.
Јосиф, ја водиш компанијата од Италија, додека тимот се шири низ нови пазари. Како е да бидеш извршен директор кога не само што тимот е на далечина, туку и ти самиот си оддалечен од сопствената земја? И што те научи 2025 година за тоа што навистина држи еден тим заедно?
2025 ме научи дека не е тешка работата од далечина, туку дека слаби системи, нејасни очекувања, параноични лидери и недоволна доверба се тешки. Физичката дистанца ме натера да го исчистам лидерството од непотребни работи и да постои помалку микроменаџирање, повеќе јасни цели, повеќе доверба, брзи одлуки (па макар и погрешни), поголема одговорност кај секој човек, помалку „да се слушнеме за сѐ“ – повеќе „ова е твој оддел, одлучувај и донеси резултат“. Во 2025 морав да научам да бидам многу појасен во очекувањата и да препознаам кои луѓе навистина носат тежина, а кои само се присутни. Дистанцата го покажува тоа многу брзо. Исто така, ме научи дека тимот го држат заедно луѓе кои имаат карактер. Знаење можеш да надградиш, процеси можеш да поставиш, но ако нема доверба, зрелост и лична одговорност, ништо не трае.

Како изгледа успех за тебе сега, во споредба со тоа како изгледал во 2017 година? Што би сакал сакал некој да ти кажел на почетокот?
Во 2017 успехот за мене беше многу повеќе поврзан со докажување. Да покажам дека може од Македонија да се направи сериозна компанија. Да покажам дека може да се гради иновативен модел и од мал пазар. Да победиме скепса, да добиеме клиенти, да привлечеме партнери, да растеме. И тоа не е погрешно бидејќи почеток ти треба таа енергија. Ти треба малку инает и желба да докажеш дека можеш. Денес успехот го гледам многу поинаку. Денес успех за мене е да градам компанија што има вредност и кога јас не сум секој ден во центарот. Успех е да имам тим кој расте, партнери кои веруваат, клиенти кои гледаат реална корист и производ кој навистина менува навики, здравје и квалитет на живот. Денес успех за мене е и да можам да бидам присутен како татко, сопруг и човек. Затоа што бизнисот знае да те изеде ако мислиш дека секоја жртва е оправдана. Не е.
Што би сакал некој да ми кажел на почеток? Дека партнерите се поважни од идеите, дека брзиот раст без вистински луѓе може да стане товар и дека како основач мораш да научиш да разликуваш лојалност од присуство и амбиција од зрелост. И можеби најважно, би сакал некој да ми кажеше дека успехот не е само да преживееш, туку да изградиш нешто што има смисла, без притоа да се претвориш во човек кој повеќе не знае зошто почнал.
Што е тоа во што целиот тим на FitKit верува, дури и во најпредизвикувачките периоди?
Дека во е ред да згрешиш и да донесеш погрешна одлука. Компанијата ќе биде добро и ќе најдеме начин да продолжиме да растеме.
Кога денес ќе отвориш некоја порака од задоволен корисник, што всушност чувствуваш дека сте изградиле, освен платформа?
Екосистем што не ти дава изговор да се чувстуваш лошо.
Што сакаш луѓето да помислат кога ќе го слушнат името FitKit за десет години?
За македонска компанија што успеа да го промени начинот како луѓето остануваат активни и здрави регионално.
Кате (оперативен директор), најверојатно еден од најголемите предизвици во работењето на далечина е воведувањето нов човек во културата на компанијата, па како изгледа првата недела на нов вработен кога никој не седи до него за да му покаже сè?
Во компанија во која сите работат од дома, првата недела мора да биде добро организирана и поставена. Не можеме да очекуваме некој сам да ја „фати“ културата само преку состаноци и пораки. Затоа почнуваме со контекст: што е FitKit, како работиме, како носиме одлуки, кај кого се оди за што. Потоа потенцираме кои ни се најбитните работи, како комуникација, транспарентност, проaктивно работење, преземање одговорност и слично; кои се конкретни задачи за следниот период и како ги „мериме“… Најважно ми е новиот човек да не се чувствува како оставен сам пред екранот, туку како дел од еден тим.

Што е најтешко да се одржи во ред кога компанијата расте побрзо отколку што очекувала?
Најтешко е да се одржи јасноста. Кога компанијата расте брзо, лесно е сите да работат многу, но не секогаш во иста насока. Тука процесите се важни, но не како бирократија, туку како „заштита“ од хаос. Особено е важно дефинирањето кој носи одлука, што е приоритет, кој е одговорен и што во моментов не правиме. Како оперативен директор, често мојата работа е да го намалам шумот и да го вратам фокусот на поголемата слика, а не на малите секојдневни задачи..
За една организација расте онолку колку што нејзините луѓе се чувствуваат безбедно да преземат ризик, па како ти градиш таква средина во FitKit, каде што целиот тим е на далечина?
Безбедноста во тим не се гради со тоа што ќе кажеш „слободно кажете си“, туку со тоа како реагираш кога некој навистина ќе каже нешто. Се трудам луѓето да се чувствуваат безбедни кога имаат прашања, предлози, но и да признаат проблем или грешка без страв. Во тим што работи на далечина, тишината лесно може да изгледа како согласност, затоа активно бараме мислења. За мене здрав тим е оној каде проблемите не се кријат, туку се отвораат навреме, а од друга страна секој индивидуалец си презема одговорност и отчетност.
Кој невидлив, секојдневен процес во FitKit најмногу го цениш, иако однадвор изгледа неважен?
Најмногу го ценам споделувањето контекст: кратка новост, белешка, јасна порака после состанок. Однадвор изгледа како ситница, но во компанија со работа на далечина, тоа е инфраструктура. Кога не сме во иста просторија, контекстот не се пренесува сам, па затоа ажурирање на контекстот може да спаси часови недоразбирање и да му помогне на целиот тим да се движи побрзо и посигурно.
Марија (директор на маркетинг), најсилните и најавтентичните брендови постојат поради причина – која е вистинската причина зад FitKit во која целиот тим верува?
Дефинитивно треба да си малку опсесивен! 🙂 Таа мала опсесија, како здравите навики да се лесен избор како 1+1, а не тежок предизвик и секојдневно „мозгање“. Во ова сум сигурна дека веќе успеавме!

Најчестата заблуда кај јавноста е дека еден FitKit кредит значи едно вежбање. Како ја претворате таа заблуда во маркетиншка можност, и кој е најкреативниот начин на кој сте се обиделе да го објасните моделот?
Полека но сигурно се движиме спротивно од таа заблуда. Најкреативно хмм.. не плаќаш за еден филм, туку добиваш пристап до цел Нетфликс! Слобода да избереш помеѓу илјадници активности и локации (во повеќе држави).
Како се гради препознатлив бренд на пазар каде што велнесот e во подем, но сè уште не е навика за многумина?
Значи да бидеш релевантен и во деновите кога луѓето немаат мотивација. Не победува брендот што најгласно зборува за здрав живот, туку оној што најдобро се вклопува во вистинскиот живот на човекот. Оттука, нашиот фокус е секогаш на флексибилноста. Кога луѓето ќе сфатат дека не мора да се врзат за едно место, еден тренинг или една рутина за да бидат активни, велнесот престанува да биде амбиција и почнува да биде навика која те следи секаде. Токму таму се гради препознатлив бренд.
Душко (бекенд инженер), за многумина бекендот е невидлив сè додека нешто не откаже. Како би му објаснил на некој надвор од струката што всушност правиш цел ден?
Кога бекенд инженерот си ја завршил работата добро, никој не размислува за него. Корисниците само ја отвораат апликацијата и сè си функционира. Голем дел од мојата работа е да предвидам проблеми пред да се случат и да се погрижам системот да работи сигурно и кога илјадници корисници го користат во исто време.

Што за тебе значи да изградиш систем на кој илјадници луѓе се потпираат, иако не знаат дека „постоиш”?
Тоа значи да градиш доверба. Корисниците не го гледаат бекендот, но очекуваат сè да работи секој пат. Кога системот е стабилен и незабележлив, знам дека сум си ја завршил работата добро.
Кое техничко подобрување во FitKit те прави најгорд (иако корисникот нема поим за тоа)?
Веројатно би ги издвоил следниве две работи. Првата е глобализацијата на FitKit. Голем дел од работата беше во бекендот за да може апликацијата да функционира не само во Македонија, туку и на други пазари со различни јазици, валути и правила. Тоа беше возможно затоа што уште од почеток имавме добра инфраструктура која можеше да се скалира. Втората се подобрувањата што корисниците речиси никогаш не ги забележуваат директно, како оптимизациите за побрзи одговори и подобри перформанси. Кога некој отвора екран и податоците се појавуваат веднаш, ретко размислува зошто е така. Но зад тоа често стојат многу технички подобрувања.
Стефан (автоматизација со вештачка интелигенција), кога луѓето ќе чујат „автоматизација“, неретко прво нешто што им паѓа на ум е дека некого „заменуваш” со машина. Како всушност изгледа добра автоматизација, што добива човекот од неа?
Кога се вработив во FitKit, искрено, дел од луѓето ме гледаа малку чудно и беа загрижени дека вештачката интелигенција и автоматизацијата ќе значи замена на луѓето. Но многу брзо сфативме дека добрата автоматизација нема за цел да замени човек, туку да му помогне.
За мене, автоматизацијата започнува со анализа на тимовите и мапирање на задачите што постојано се повторуваат, одземаат време, создаваат фрустрација и оставаат простор за човечки грешки. Токму тие грешки често можат да ја чинат компанијата дополнително време, пари и енергија за нивно исправување.
Кога ќе ги автоматизираш тие процеси, не му ја одземаш работата на човекот, туку му ослободуваш време. Наместо да се занимава со административни подготовки, копирање податоци или рачна обработка на информации, тој може да се фокусира на покомплексни задачи, каде што навистина е потребно неговото знаење, креативност и носење одлуки.

Кога ќе автоматизираш нешто во FitKit, всушност му ослободуваш време на човекот за нешто посуштинско. Која твоја работа симна предизвик од плеќите на тимот (и за што го користат тоа време)?
Една од автоматизациите на која сум особено горд е решението што го изградивме за финансискиот тим во FitKit.
Преку оваа автоматизација, излезните фактури кон нашите клиенти и извештаите кон провајдерите автоматски се генерираат и доставуваат без потреба од рачна обработка. Зборуваме за процес што претходно бараше многу време, внимание и постојани проверки.
Со ова решение успеавме да елиминираме околу 99% од рачната работа поврзана со овој процес. Придобивката не е само за FitKit, туку и за нашите провајдери. Наместо самите да подготвуваат извештаи за да можат да фактурираат, тие добиваат детален извештај од наша страна со сите реализирани активности.
Освен огромната заштеда на време, значително го намаливме и ризикот од грешки во финансиските процеси. А токму во финансии, една мала грешка може да значи дополнителни трошоци, изгубено време и непотребен стрес за повеќе тимови. Денес процесот е побрз, попрецизен и многу поедноставен за сите вклучени страни.
Теодора (мобилен инженер), доброто искуство во една апликација значи корисникот да не се мачи со неа воопшто, бидејќи едноставно функционира и лесно навигира. За кој дел од FitKit апликацијата најмногу си се потрудила досега да го направиш невидливо лесен?
Би можела да го издвојам најновата опција, „чекирање“ (Check in), како таква, а најмногу време вложив во локациската логика зад сцената. Работев на тоа апликацијата сигурно да утврди дали корисникот навистина се наоѓа на локацијата или објектот, а притоа искуството да остане брзо и без непотребни чекори. Тоа значеше справување со различни реални ситуации како неточен навигациски (GPS) сигнал, различни типови уреди, движење на корисникот и други гранични ситуации кои можат да влијаат на точноста.

За некои корисници, едно копче на одредено место може да биде моментот кога ќе одлучат дали да вежбаат или да се откажат. Имало ли моменти кога мала одлука во дизајнот направила голема разлика во однесувањето на корисниците?
Секако. Повторно можам да се навратам на најновата опција. Сфативме дека ако корисникот треба самиот да провери дали е на точната локација или да чита дополнителни пораки, процесот делува покомплициран отколку што е. Наместо тоа, ја префрливме таа одговорност на апликацијата. Ако корисникот е на вистинската локација, системот автоматски го препознава тоа и ja отклучува опцијата за чекирање. За корисникот тоа е мала промена, но значи помалку размислување и побрзо завршување на задачата.
Нина (специјалист за деловна интелигенција), веројатно токму од тебе доаѓаат фактите што ја прават оваа приказна особено интересна, откриј ни кој е најизненадувачкиот или најнеобичниот тренд што си го открила во податоците, а што никој во тимот не го очекуваше?
Сите мислиме дека имањето на повеќе избор е секогаш подобро, дека изобилство од опции е секогаш победа. Но, многу често бројките ми покажале дека кога луѓето имаат премногу избор за бирање, се блокираат и најчесто не избираат ништо. Да се чувствуваш оптоварен од премногу можности е вистинска емоција, слично како кога не можеш да одлучиш што да јадеш кога менито има 15 страни со јадења, кои сите изгледаат еднакво вкусно. Затоа, често го советувам тимот да внимава на овој феномен, наречен „analysis paralysis“ (парализа од анализа) кога станува збор за промени во дизајнот на апликацијата.

Што е тоа што бројките никогаш нема да ти го кажат за луѓето, а ти го знаеш од искуство?
Бројките никогаш нема да ми кажат колку луѓето се нелогични. 😄 Колку повеќе работам со податоци, толку повеќе сфаќам дека одлуките донесени од нашите корисници ретко се математичка равенка. На хартија сè изгледа едноставно: корисникот кликнал, не кликнал, се вратил, не се вратил… Но, во реалноста, зад секое од тие движења има нешто многу понеуредно и многу почовечко, а тоа е дека луѓето сакаат едноставност. Сакаат да чувствуваат дека нешто им е лесно, дека не се мачат, дека „им оди”. И уште повеќе од тоа, сакаат чувство на напредок, дури и кога објективно тој напредок е мал. И најмногу ме изненадува тоа што емоцијата често има поголема тежина од која било нова можност, бројка или анализа што сме ја направиле. Едноставно овие работи не се гледаат во ниту една работна табла, но можеш да ги видиш во однесување (ако знаеш да го читаш).
Кога во податоците ќе видиш нешто за кое чувствуваш дека е важно, а тимот сè уште не го гледа, како им даваш до знаење?
Обично доаѓам со две работи: график/табела и теорија на заговор. 😄 Прво покажувам што гледам во бројките, а потоа поставувам хипотеза зошто се случува тоа. Нормално, не секогаш сум во право, но најчесто така почнуваат најинтересните дискусии.
Кое сознание од податоците го промени начинот на кој тимот размислува за корисниците?
Дека корисниците не се „корисници“ во начинот на кој ние си ги замислуваме. Тие доаѓаат кога нешто им треба и исчезнуваат кога не им треба. И тоа не е проблем што треба да го „поправиме“, туку реалност што треба да ја разбереме. А ние често пробуваме да го направиме однесувањето да изгледа уредно, иако луѓето воопшто не се доследни. Една недела се супер активни, следната ги нема, па се враќаат како ништо да не се случило. И тоа промени како гледаме на „активноста“, престанавме да ја гледаме како права линија.
Маја (графички/веб дизајнер), дизајнот често е првото нешто за кое сите имаат мислење. Како преживуваш кога секој колега ти е „критичар”?

Искрено? После толку години веќе не знам дали сум дизајнер или професионален „примач“ на мислења. Хаха, се шалам. После некое време сфаќаш дека сите се дизајнери… барем во својата глава. Секој има мислење и тоа е сосема нормално. Само, за среќа, денес веќе не сум јас таа што ги добива баш сите коментари. Таа штафета успешно му ја предадов на Деки (визуелно/корисничко искуство). Јас сега сум повеќе во улога на: „ај малку полево”, „ај ова подесно”, „ај уште една верзија да видиме”, а Деки е тој што ги спојува сите идеи, желби и коментари во нешто што навистина функционира.
Ако ги гледате промените што ги правиме во апликацијата во последно време, би рекла дека супер ни оди. Така што, главоболките официјално се префрлени кај него.
Деки (графички дизајнер и визуелно/корисничко искуство), кога завршуваш проект, по што препознаваш дека е навистина готов, а не само „доволно добар“?
Низ годините и низ моето искуство сфаќам дека не постои проект кој што е готов, најмалку па доволно добар, затоа што секогаш ќе излезе нешто што ќе треба да се подобри. Зборувајќи во името на целиот тим, секогаш правиме сите проекти да се „подобри од претходните“, па, затоа и јас знам да пресечам понекогаш дека нешто е готово, затоа што знаејќи какви перфекционисти сме ние дизајнерите, ниту еден проект, кампања или нова опција досега немаше да бидaт готови. 🙂

Што е тоа, преку твојата работа, е нештото со кое FitKit создава чувство на леснотија кај некој што инаку се плаши од „светот на фитнесот“?
Коа ќе ме прашаат дома или пријатели што работам, веднаш кажувам дека „чачкам или цркткам нешо на компјутери“. Така е и со FitKit. Штом нашите корисници веднаш знаат дека станува збор за апликација за тотална благосостојба на телото и умот, тогаш мојата работа тука веќе одамна е и всушност завршена. Шегата настрана, корисничкото искуство е она што ме „движи“ последнава декада, па, така и јас пробувам да им го поплочам патот на корисниците низ апликацијата, да им биде побрз, покомфортен и се разбира, поквалитетен.
Новата карактеристика „модул за чекирање“ е доказ дека „топлата вода“ веќе одамна е измислена, само треба некој да ја истурка и да ја имплементира во реално време, но и на вистинското место. А, да, би се надоврзал на Нина од погоре, но и да потврдам дека фино би било да очекувате уште доста „шминкерски“, а и кориснички промени на FitKit наредниов период!
Марија (сениор дигитален маркеринг), кога буџетот е ограничен, а кај стартапите често е, каде прво вложуваш и од што прво се откажуваш?
Прво се откажувам од совршеноста. Не се обидувам да копирам скапи и „wow“ кампањи. Наместо тоа, вложувам во социјални медиуми и содржина што е автентична, корисна и јасно го објаснува производот. Добра приказна и вистинска вредност често победуваат поголем буџет.

Маркетингот може да продава илузии или да поттикнува вистинска промена, како ти се грижиш FitKit да остане на вистинската страна?
Со FitKit тоа е прилично лесно. Производот има јасна цел и реална вредност, па мојата работа не е да измислувам приказни, туку да ги раскажувам вистинските. Додека идејата на FitKit останува во фокус, лесно е и маркетингот да остане на вистинската страна.
Ивана (корисничка поддршка), која е најнеобичната или најсмешната порака што си ја добила од корисник, и како е да бидеш поддршка кога целиот тим е на далечина?
Искрено, не би можела да издвојам само една „најнеобична“ ситуација, затоа што работејќи со луѓе секој ден носи различни и интересни предизвици. Секоја интеракција е специфична на свој начин.
Како поинтересни моменти би ги издвоила ситуациите кога корисниците првично се јавуваат за конкретен проблем, но разговорот природно се развива во подолга комуникација, каде што често завршува така што ми го раскажуваат целиот нивен ден. Исто така, „beauty emergency“ (итни интервенции за убавина) моментите се доста карактеристични, се случуваат кога корисници поради настан, состанок или патување бараат итен термин за да се подготват и да изгледаат најдобро што можат, па често заедно брзо бараме слободни термини и решенија.
Она што најмногу ми значи е што во ваквите ситуации корисниците често ми се обраќаат како личност на која што можат да и веруваат и да се обратат опуштено, како пријател. Тоа за мене е многу важно, бидејќи покажува дека постои доверба, а токму тоа е и целта на мојата работа: корисниците да се чувствуваат сигурно, разбрано и поддржано.

Како успеваш да останеш смирена кога од другата страна некој е вознемирен?
Кога корисник е вознемирен, останувам смирена и прво пристапувам на пријателски и емпатичен начин, за да ја разберам ситуацијата и да доловам дека може да има доверба. Се фокусирам на причината зад реакцијата, на тој начин создавам стабилен и пријатен пристап со корисникот. Со јасна, смирена и професионална комуникација, ситуацијата најчесто природно се смирува и се насочува кон конструктивно решение.
Што научи досега за луѓето воопшто, работејќи во поддршка?
Во поддршка, со долгогодишно искуство, научив дека на оваа професија целта не е само решавање проблеми, туку за разбирање на луѓето, затоа што луѓето не доаѓаат само со проблемот, туку и со емоција што стои зад истиот, загриженост, фрустрација или недоразбирање.
Начинот на кој се пристапува во првите моменти често ја одредува целата насока на разговорот, па затоа е важно да се започне со разбирање, смирен тон и пријателски пристап, за да се изгради доверба со корисникот.
Емил (директор на финансии), ти си нај „тазе“, како се снаоѓаш по еден месец во FitKit?
Иако неодамна се приклучив во FitKit, благодарение на посветеноста на вработените и досега формираната заедница, веќе се чуствувам како дел од тимот. Фактот што работиме од далечина ни овозможува флексибилност и ефикасност, а секако и придонесува за позитивната атмосвера во компанијата.

Тимски прашања: Без која апликација не би можеле да преживеете?
Сите: „Слек!“ (Slack)
Петмина од вас сте родители, како изгледа жонглирањето меѓу родителството и работа од иста соба кога сте дома со детето/децата за време на работно време?
Теодора: Искрено, не е секогаш лесно. Кога работиш од дома со мало дете, плановите често се менуваат во текот на денот. Среќна сум што имаме тим со многу разбирање и доверба, па фокусот е на тоа работата да биде завршена, а не кога точно си седнал пред компјутер. Тоа понекогаш значи и да надополнам навечер, кога бебето ќе заспие. Не е секогаш едноставно, но флексибилноста што ја имаме многу помага да се балансираат и родителството и работата.
Душко: Бара добра организација и малку импровизација. Не можеш секогаш да ги разделиш работата и родителството со една врата. Среќа што работиме во средина каде што има разбирање за таквите ситуации, па секој го наоѓа балансот што најдобро му одговара.
Kатерина: Искрено, не изгледа секогаш убаво и организирано како што звучи во теорија. Има денови кога работиш фокусирано, а има и денови кога состанокот оди паралелно со цртани, играчки и „мамо/тато“ на секои две минути.
Но, токму затоа работата од дома бара многу доверба и зрелост. Не е поентата да бидеш пред лаптоп 8 часа без прекин, туку да ја завршиш работата, да комуницираш јасно и да знаеш кога си достапен, а кога мораш да се исклучиш. Родителството не исчезнува за време на работно време, само учиш подобро да го менаџираш денот.
Тимот тврди дека апликацијата ја користи „религиозно“, која ви е омилена активност?
Теодора: Katrinity Fitness
Маја: Во недела сум фитнес брокер. 😄Имам 120 кредити и гледам како најпаметно да ги распределам. Fitness Park ми е стабилна инвестиција x3 во неделата, а останатите кредити одат на тестирање нови активности.
Kате: Масажа
Кое е најнеобичното место од кое сте работеле досега?
Теодора: Од теретана (тестирање во живо, со лаптоп:D)
Маја: На трака за трчање, не ме прашувајте како.
Кате: на педикир
Што е првото што се случува штом ќе се соберете во живо?
Теодора: Сите кажуваат дека треба почесто да се собираме (што е точно).
Маја: Се коментира дека роденденците не донеле торта, а Кате /која е одговорна за подароците/ ги дели ваучерите со повторна критика, кај е тортата бе дечки.
Кате: Прво се случува, она човечкото. Муабет, смеење, надоврзување на сите работи што во апликацијата Slack изгледаат кратко, а во живо имаат сосема друга енергија.
Што треба да знаат сите за работењето од далечина?
Теодора: Носи многу флексибилност, но и одговорност. Кога работиш од дома, лаптопот е секогаш тука, па понекогаш е лесно работниот ден да се продолжи повеќе од планираното. Затоа е важно сам да поставиш граници и да знаеш кога е време да се исклучиш.
Маја: Јас сум црната овца во тимот. 😄Не можам да работам од дома. Колку и да пробувам, не оди. Затоа The Hub ми е канцеларија и искрено, таму сум најпродуктивна.
Деки: Фино е кога реновираш по дома и чекаш мајстори кои знаеш дека нема да дојдат, а ти најавиле најмалку три пати дека утре „сигурно доаѓаат“. Па, не мора да земаш слободен ден за нив или да кажуваш три пати во неделата дека нема да отидеш во канцеларија затоа што чекаш некого :). Ама да, се согласувам со Теодора дека ако не си дадеш сам на себе работно време, денот ти станува прекраток за што било.
Ивана: Незаменливо е чувството кога работниот ден ти започнува со омиленото кафе, во омилените пижами и со фокус што доаѓа природно кога работиш во средина што ти носи мир и продуктивност.
Дополнителен бонус е што нема секојдневен стрес околу тоа да стануваш два часа порано за да стигнеш до канцеларија низ целиот градски метеж. Наместо енергијата да ја трошиме на сообраќај, брзање и нервози, ја насочуваме кон работата и работите што навистина ни се важни.
Но, секако, потребна е дисциплина за да останеш фокусиран и да направиш јасна граница меѓу работата и приватниот живот. Голема предност е што лаптопот ти е секогаш при рака, и секеое место ти е твоја канцеларија😃 па во итни ситуации можеш веднаш да реагираш.
Kате: Дека работењето од дома не е само работа „во пижами со кафе во рака“, како што често изгледа од страна. Во реалноста, бара многу повеќе самодисциплина, јасна комуникација и способност сам да си го организираш денот.
Кога си дома, никој не ти го задава ритамот. Нема канцеларија што те внесува во работен режим и нема физичко излегување од работа кога ќе заврши денот. Затоа најважно е да знаеш кога си фокусиран, кога си достапен и кога навистина треба да го затвориш лаптопот.
Работата од дома дава слобода, но не е „помалку работа“. Повеќе е како да добиваш доверба однапред, а потоа секој ден треба да покажеш дека знаеш што да правиш со неа.
Што би им рекле на луѓето кои никогаш не работеле од далечина?
Кате: Би им рекла да не го замислуваат работењето како „работа од дома“ во најбуквална смисла. Тоа е повеќе работа со поголема одговорност, затоа што никој не те гледа дали седиш пред лаптоп, туку се гледа што навистина си завршил.
Тимот што работи од далечина не е помалку тим, само функционира поинаку. Во канцеларија многу работи се случуваат сами од себе: краток муабет, брзо прашање, енергија од луѓето околу тебе. Кога си на далечина, тоа мора тенденциозно да го градиш преку јасна комуникација, доверба и редовен контакт, (посебно ако си оперативен директор).
Најголемата заблуда е дека работата од далечина е полесен начин на работа. Не е. Само е пофлексибилен. А флексибилноста функционира само кога луѓето се доволно одговорни да не ја претворат во хаос.
Бидете во тек со сите новости за FitKit:
Веб портал – https://fitkit.app/
Веб блог – https://fitkit.app/blog/
Инстаграм – https://www.instagram.com/fitkitmk/
Фејсбук – https://www.facebook.com/fitkitmk
LinkedIn – https://www.linkedin.com/company/fitkitapp
ТикТок – tiktok.com/@fitkitapp
Апликација (Apple) – https://apps.apple.com/mk/app/fitkit-mk/id1237334836
Апликација (Google Play store) – https://play.google.com/store/apps/details?id=mk.fitkit.app&hl=en&pli=
Поддршка и инфо е-маил – [email protected]
Спонзорирана објава


