Славески: Сега сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески, учествуваше на панел-дискусијата на гувернерите под наслов „Трасирање на идниот развоj“ во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.
Препорачано
Во своето обраќање, гувернерот Славески, како што информираат од Народна банка, истакна дека централните банки денес се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении, поради низа последователни шокови – од пандемијата и геополитичките конфликти до нарушувањата во синџирите на снабдување и силниот раст на цените на енергијата и на суровините.
-Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени пред сѐ на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци – посочи гувернерот Славески.
Осврнувајќи се на мерките преземени од Народната банка за време на последниот инфлациски бран, тој нагласи дека институцијата одговори со сеопфатни пакет-мерки, вклучувајќи зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.
Гувернерот посочи дека стабилниот девизен курс е темелот на макроекономската стабилност во земјава.
-Во мала и отворена економија, како нашата, стабилниот девизен курс претставува главно сидро за очекувањата и важен фактор за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија. Во текот на последните светски кризи, повторно се потврди ефикасноста на оваа стратегија – истакна Славески.
Тој нагласи дека, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, додека економскиот раст и натаму е отпорен, а финансискиот систем ја зачува својата стабилност.
Во дискусијата за актуелните светски ризици, гувернерот предупреди дека неизвесноста и натаму е висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија. Притоа истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се остваруваат.
-Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и во банкарскиот систем е силна. Тоа е резултат на соодветните политики, јасната комуникација и долгогодишната посветеност на одржувањето на стабилноста на девизниот курс – нагласи гувернерот Славески.
На крајот, тој посочи дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон светските предизвици и дека е неопходна координација со одговорна фискална политика и спроведување структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, енергетската диверзификација и отпорноста на економијата.
На панел-дискусијата, покрај гувернерот Славески, учествувале и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и Монголија.


