Околу 80 проценти од никотинските производи во Австралија доаѓаат од нелегални извори
Околу 80 проценти од цигарите и другите никотински производи потрошени во Австралија минатата година биле нелегални, според анализата на Австралиското биро за статистика (ABS), кое за прв пат го процени обемот на брзорастечкиот црн пазар, објавува ABC.
Препорачано
И покрај значителниот пад на потрошувачката на легални тутунски производи, вкупната потрошувачка на никотин се зголемила за речиси 40 проценти помеѓу 2017 и 2025 година, покажува анализата, проценувајќи дека државата губи помеѓу 7,7 милијарди и 11,8 милијарди долари преку избегнување на акцизниот данок. Според анализата, уделот на тутунот од нелегални извори се зголемил од 12 проценти во 2017 година на 80 проценти во 2025 година, при што нелегалните цигари го водат растот, но исто така и електронските цигари и другите производи од никотин.
Извештајот покажува дека цените на легалниот тутун речиси се зголемиле за трипати од 2016 година, првенствено поради зголемувањето на акцизите, што, според експертите, го поттикнало брзиот развој на црниот пазар.
„Ова е огромен политички неуспех и бара радикално преиспитување“, рече криминологот од Универзитетот Дикин, Џејмс Мартин, додавајќи дека не е можно да се реши проблем од ваков обем преку репресија.
Австралија е меѓу земјите со највисоки цени на цигарите во светот, при што даноците на тутун се зголемија за повеќе од 200 проценти во последните десет години. Пакет од 25 цигари што се продаваат легално чини повеќе од 50 долари, додека нелегалните цигари може да се купат за околу 25 долари и најчесто се увезуваат од Азија и Блискиот Исток.
Додека некои експерти и опозицијата се залагаат за намалување на акцизите за ограничување на црниот пазар, владата на премиерот Ентони Албанезе го отфрли таквиот пристап и се фокусира на зголемена контрола и борба против нелегалната трговија.


