Протест на текстилци во Штип / Фото: ТВ 24 / скриншот

Текстилци протестираа во Штип, си ги бараат платите што им ги должат пропаднати германско-бугарски фирми

Над 100 текстилни работнички и работници од конфекциите „Фермактекст“ и „Европа фешн“ денеска попладне излегоа на протест во Штип за да си ги побараат трите неисплателни плати за месеците април, мај, јуни 2025 година, како и К-15 и отпремнините кои им следуваат согласно законот.

Тие изразија очекување од надлежните државни институции дека ќе им помогнат да се реши нивниот случај и да добијат заштита на нивните права.

„Така не оставија на милост и немилост, без пари, здравство неплатено, не те прашуваат дали имаш или немаш. Како можеш да се снајдеш кога ти немаш ништо четири месеци, без пари? А како да се снајдеш? Прво и прво до здравство не можеш да дојдеш, а сите сме под лекарства“, вели 59-годишната Светлана Петкова, која 17 години работела како шивачка.

Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“ вели дека долгот на овие конфекции кон работниците надминува 13 милиони денари или околу 211.000 евра. Ампева посочи дека станува збор за компании со германски капитал, а управители биле лица од Бугарија, како и дека случајот е веќе предмет на постапка во германските институции.

„Во исто време, случајот е веќе предмет на постапка пред германскиот Национален контакт пункт за ОЕЦД насоки. Германските институции веќе преземаат чекори, бараат информации од сопствениците, односно германскиот холдинг ‘Feldkoess Holding GmbH’, и одговорните лица, односно управителите на двата правни субјекти, ‘Фермактекс’ и ‘Европа фешн’, коишто се од Република Бугарија. И исто така тие ги информираа и германските амбасади во Скопје и Софија, па и еве се прашувам зошто германските институции повеќе се залагаат за правата на работниците во Македонија отколку самите македонски институции коишто се платени од нас“, рече Ампева.

Работниците и здружението „Гласен текстилец“ на денешниот протест побараа Јавното обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР да постапат и да одговарат на нивните претставки и да ги заштитат и работниците и државниот буџет.

Пад за 2,3 проценти на бројот на вработени во индустријата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот