Сталаг со цигари, излог на тутунски производи, кутии со цигари
Фото: Слободен печат.

Кој станува пушач бидејќи видел цигари во излог?

Младите честопати пропушуваат под влијание на друштвото, за да имитираат некој со повисок социјален статус или за да изгледаат постари. Семејната средина, желбата за припадност, стресот и перцепцијата дека „сите околу нив го прават тоа“ се многу поимпактни фактори дали за тоа дали некој ќе пропуши одошто изложувањето на цигарите.

Предлог-законот за заштита од пушење, во кој е вклучена и забрана за изложување цигари во продавниците, тргнува од претпоставката дека видливоста на производот е клучниот фактор што може да го претвори непушачот во пушач. Сепак, психологијата на пушењето е сложена. Луѓето најчесто не ја стекнуваат таа навика бидејќи отишле во продавница, ги виделе изложените цигари, па решиле да пробаат.

Многубројни истражувања покажуваат дека пушењето е силно поврзано со социјалниот фактор. Младите честопати пропушуваат под влијание на друштвото, за да имитираат некој со повисок социјален статус или за да изгледаат постари. Семејната средина, желбата за припадност, стресот и перцепцијата дека „сите околу нив го прават тоа“ се многу поимпактни фактори дали за тоа дали некој ќе пропуши одошто изложувањето на цигарите.

Истражување во Норвешка, на пример, ја следи врската меѓу семејната средина, социјалниот статус и пушењето кај адолесценти во земјата, од 13 до 18 години. Податоците покажуваат дека клучен фактор за создавањето на оваа навика е дали пријателите се пушачи, но значајна улога имаат и родителите, постарите браќа и сестри, како и социоекономскиот статус на семејството.

Пушачите плански одат во продавница

Оваа мерка уште помалку би сменила нешто кај веќе формиран пушач бидејќи тој плански купува цигари, а не зашто му се појавиле на излог. За разлика од други производи, што може да го привлечат вниманието и да го зголемат ризикот за компулзивно купување доколку се изложени — како конфекциски производи и други атрактивни продукти — цигарите се веќе стекната навика.

Забраната за изложување може да ја намали видливоста на тутунските производи, но не ги отстранува навиката, зависноста, социјалниот контекст и причините поради кои некој пуши.

Англиска студија за ефектите од забраната за изложување тутунски производи, на пример, покажува дека делумната забрана на изложување во големи продавници не довела до непосреден пад на пушењето по воведувањето на мерката.

Истражувањето ги анализира ефектите од делумната забрана за изложување тутунски производи на продажни места во големи продавници во Англија, воведена во април 2012 година.

Врз основа на податоци од речиси 130.000 возрасни испитаници, авторите утврдуваат дека забраната не предизвикала нагло и непосредно намалување на пушењето, ниту, пак, значајно намалување на бројот на испушени цигари кај пушачите.

Изложувањето не е само рекламирање

Изложувањето на разни производи во продавниците, освен нивна промоција, има и информативна функција.

Рекламирањето, на пример, подразбира активна промоција која вклучува убедување, кампања, спонзорство и одредена порака за конкретен производ. Но, изложувањето овозможува добивање информации за тутунскиот производ, кога станува збор за возрасни потрошувачи.

Македонските закони веќе забрануваат продажба на тутунски производи на луѓе под 18 години, на кутиите има здравствени предупредувања и непријатни слики. Забраната за изложување нема да направи преголеми промени, туку само му ја одзема на купувачот можноста да биде информиран за производите.

Во една демократска регулатива мора да има разлика меѓу рекламирање и информирање. Едно е државата да забрани промоција, спонзорство и убедување нови корисници, а друго е целосно да го скрие производот.

Таквата мерка не го спречува пушачот да купи цигари, туку ја намалува можноста продажбата да биде транспарентна и контролирана.

Кои се вистинските ризици?

Ако целта на новиот закон е младите да не почнуваат со пушење, тогаш најсилниот фокус треба да биде на вистинските ризици.

Продажбата на малолетници, која и онака е нелегална, сивите зони поврзани со ароматичните никотински производи со мирис на овошје и на слатки, промоцијата на овие навики на социјалните мрежи, како и низа други повлијателни фактори, треба да бидат приоритет на Владата.

Наместо фокусот да биде ставен врз отстранување на цигарите од излозите, многу поважно е да се засилат инспекциските контроли, особено во малопродажбата, онлајн продажбата и кај неформалните канали преку кои младите најлесно доаѓаат до никотински производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот