Фото Архива

Поради скапите ѓубрива ЕК предлага половина милијарда евра помош за земјоделците

Европската комисија предложи мобилизирање на околу 500 милиони евра за итна поддршка на земјоделците во Европската Унија кои се соочуваат со значително зголемување на цените на вештачките ѓубрива. Според Брисел, растот на трошоците веќе создава притисок врз производството и може да влијае врз одлуките за сеидба на зимските култури, што потенцијално би ја загрозило идната стабилност на снабдувањето со храна, пишува ДПА.

Пакетот предвидува користење на земјоделската резерва во рамките на заедничката земјоделска политика на ЕУ, која во моментов изнесува околу 200 милиони евра. Комисијата истовремено предлага дополнително зголемување на фондот за уште 300 милиони евра, со што вкупната поддршка би достигнала половина милијарда евра.

Еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен изјави дека влијанието на растот на цените досега било делумно ублажено благодарение на залихите што земјоделците ги направиле претходно. Сепак, тој предупреди дека новиот бран поскапувања, особено кај азотните ѓубрива, повторно ја зголемува неизвесноста во секторот.

Според Хансен, дел од земјоделците веќе размислуваат да ја намалат сеидбата на зимски култури или да се пренасочат кон еколошки шеми кои бараат помалку минерални ѓубрива, но можат да понудат финансиски поттик преку агроеколошки мерки. Комисијата наведува дека поскапувањето на ѓубривата е поврзано со зголемените трошоци за енергија и природен гас, како и со глобалните геополитички тензии, кои ја нарушуваат стабилноста на пазарите. Дополнителен фактор е зависноста на Европската Унија од увоз, особено кај азотните и фосфатните ѓубрива.

Во рамките на пакетот, ЕК најавува и пошироки структурни мерки: намалување на зависноста од увоз, поддршка на домашното производство на ѓубрива, како и промовирање на органски и рециклирани ѓубрива. Меѓу нив се и употребата на нуспроизводи како дигестат и други био-базирани материјали.

Аларм во земјоделството — сѐ повеќе жртви во несреќи со трактори, меѓу нив има и деца

Комисијата исто така планира подобрување на управувањето со пазарот преку зголемена транспарентност, рани предупредувачки механизми и анализа на можности за стратешки резерви на ѓубрива, со цел да се намали изложеноста на идни шокови. Предлогот сега треба да добие одобрување од земјите членки на ЕУ и од Европскиот парламент пред да стапи во сила.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот