Случајот на Башкими е пред суд, се чека правосилна пресуда за евентуалната казна
И покрај тоа што Башкими успеа да го зачува прволигашкиот статус минатата сезона, неизвесно е дали кумановскиот клуб и наредната година ќе биде дел од македонската фудбалска елита. Причина за тоа е судската постапка што се води по сериозните сомневања за местење натпревари, отворена по иницијатива на УЕФА и во координација со ФФМ и надлежните државни институции.
Препорачано
Башкими се најде во фокусот на јавноста уште пред крајот на претходната сезона, кога се појавија информации дека натпреварот со Кожув, кој беше клучен за опстанокот на тимот во Првата лига, бил предмет на нерегуларности. Подоцна, клубот беше споменат и во официјален допис од УЕФА до ФФМ, во кој биле наведени три дополнителни натпревари под сомнеж.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, објасни дека секој сомнителен натпревар се пријавува од УЕФА во рок од 72 часа, при што детално се наведуваат причините за сомнежите. Тој истакна дека ФФМ нема право самостојно да носи одлуки, туку согласно процедурите ги известува Министерството за внатрешни работи и надлежните лица задолжени за интегритет на натпреварувањата.
„Секогаш кога има натпревар кој е сомнителен, ние добиваме допис од УЕФА. Никогаш не дејствуваме сами, тие дописи стигнуваат во рок од 72 часа и во нив ги има сите детали прецизно објаснети за сите сомнежи. Според правилата, ние сме должни да ја информираме МВР и комесарот кој соработува со оделот на УЕФА за интегритет. За Башкими како што сум информиран, процедурата е дојдена до суд со сите имиња и презимња, станува збор за пет-шест лица против кои има отворено постапки. Ние можеме да преземеме дејствија кога ќе има правосилна пресуда. Тоа е што ние го знаеме и затоа додека нема правосилна пресуда Башкими ќе се натшреварува таму каде што е според резултатите. Со оглеф дека пред две-три недели е во суд значи дека ќе трае и во подолг период. Инаку, има и останати натпревари кои биле сомнителни во изминатиот период и за кои имаме дописи“, изјави првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.


