Мариус Борг Хоиби и Мете-Марит / Фото: EPA/Profimedia

Норвешката принцеза е во тешка здравствена состојба, а нејзиниот син нема да биде пуштен од притвор за да ја посети

Синот на норвешката принцеза Мете-Марит, Мариус Борг Хоjби, нема да биде пуштен од притвор за да ја посети својата тешко болна мајка во болница, објавија норвешките медиуми, повикувајќи се на одлука на Апелацискиот суд.

Судот оценил дека „сѐ уште постои голема веројатност Хоjби да изврши нови кривични дела доколку биде ослободен“, пренесе норвешката јавна радиотелевизија.

Одлуката следува откако понизок суд во Осло во понеделникот одобри негово ослободување, но обвинителството веднаш поднесе жалба. Полицијата и претходно се спротивставуваше на неговото пуштање на слобода.

Дваесет и деветгодишниот Хоjби се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои и четири точки за силување. Пресудата во случајот се очекува во понеделник. Обвинителството бара затворска казна од седум години и седум месеци, додека одбраната побара ослободителна пресуда за обвиненијата за силување.

Во меѓувреме, неговата мајка, норвешката принцеза Мете-Марит, се наоѓа во болница поради сериозно влошување на здравствената состојба.

Норвешкото кралско семејство за време на божиќна фотосесија во резиденцијата Скаугум во Аскер, декември 2015 година / Фото: Profimedia

Според нејзините лекари, таа е ставена на листа на чекање за трансплантација на бели дробови, а без операција би можела да живее уште околу една година.

Кралското семејство уште во декември соопшти дека сопругата на престолонаследникот има потреба од трансплантација. Педесет и двегодишната Мете-Марит боледува од неизлечива белодробна фиброза – хронична болест што предизвикува создавање лузни на белите дробови и сериозно го отежнува внесувањето кислород. Таа секојдневно користи концентратор на кислород.

„Да седам овде додека мајка ми е толку болна е неподносливо“, изјавил Хоjби за време на судското рочиште во Осло, пренесе весникот „Верденс Ганг“.

Тој додал дека многу тешко му паѓа тоа што не може да ѝ биде поддршка на мајка си во овие тешки моменти и уверувал дека „никогаш не би направил нешто што дополнително би ја влошило ситуацијата“.

Синот на норвешката принцеза обвинет за силување плачел во судницата: „Не спијам со жени кои не се будни“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот