Тајлер Мејн на светската премиера на „Дедпул и Вулверин“ во театарот „Дејвид Х. Кох“ во Њујорк на 22 јули во 2024 година/ Фото: Greg Allen / Alamy / Profimedia

ВИДЕО | „Имам рак на дојка што го добива еден од 750 мажи…“ – призна ѕвездата на „Икс-мен“

Канадскиот актер и поранешен борач Тајлер Мејн, најпознат по играњето негативци како Сабретут во франшизата „Икс-мен“ (X-Men), откри дека се бори со ретка форма на рак на дојка. Мејн започнал со хемотерапија и одлучил јавно да проговори за дијагнозата со цел да ја подигне свеста за болеста што ги погодува и мажите. 

Мејн во својата објава на Инстаграм признал дека неговата прва реакција била да ја скрие дијагнозата од јавноста, делумно поради чувство на срам. Сепак, сфатил дека неговата приказна може да им помогне на другите што поминуваат низ слична ситуација, пишува Си-ен-ен.

„Да. Имам рак на дојка. И да, исклучително е редок. Само еден процент од карцином на дојка се појавува кај мажите. Ќе бидам искрен, мојата прва реакција беше тоа да го чувам во тајност. Мислам, малку е непријатно“, напишал актерот во објавата со која ја сподели веста.

Тој додал дека токму поради молчењето, ракот кај мажите често се дијагностицира во подоцнежните фази, што доведува до полоши исходи.

Мејн нагласил и дека неговите лекари првично ги отфрлиле неговите симптоми и дека клучна улога во раната дијагноза одиграла неговата сопруга, која го поттикнала да ја отстрани грутката.

„Всушност, сите мои лекари тоа го отфрлаа, и само затоа што сопругата ме натера да ја отстранам грутката,ракот на гради го открив навреме“, објаснил Мејн.

Тој сега сака да ја искористи својата платформа за да ги охрабри другите да зборуваат за ракот и да ги поддржат оние што се соочуваат со слични предизвици. Мејн ги повика обожавателите да ја споделат неговата приказна и да го следат на неговиот пат кон закрепнување.

„Имам лоши вести. Денеска почнувам со хемотерапија. Еден од 750 мажи ќе добие рак на дојка во текот на животот, а јас сум еден од нив. Бидејќи ретко се зборува за тоа, обично се открива во подоцнежните фази и има полоши исходи. Сакам да го променам тоа. Тргнете со мене на моето патување да го победам ова. Испратете го ова на 10 ваши пријатели и кажете им им да ме следат затоа што луѓето треба да го слушнат ова“, порачал тој во видеото.

Тајлер Мејн, кој е висок импозантни 203 сантиметри, ја започнал кариерата како професионален борач. Во текот на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век настапувал под името Биг Скај, по што се свртел кон глумата.

Неговата најпозната улога е онаа на Сабретут во првиот филм „Икс-мен“ од 2000 година. На воодушевување на обожавателите, тој ја повтори улогата во филмот „Дедпул и Вулверин“ од 2024 година. Тој, исто така, остави значаен белег на жанрот на хорор, играјќи го Мајкл Мајерс во римејкот на „Ноќта на вештерките“ на Роб Зомби од 2007 година и неговото продолжение од 2009 година. Мејн се појави и во филмот „Троја“ во 2004 година.

ВИДЕО | Позната актерка ја откри потресната борба со ракот: Десетти ден по хемотерапијата, завршив на итна

Ванеса Трамп откри дека има рак на дојка: „Останувам полна со надеж“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот