Македонските тенисери ја остварија првата победа во Третата европска група
Македонските тенисери во денешниот дуел од второто коло од Третата Европска група од Дејвис купот стигнаа до првата победа откако Калин Ивановски и Олег Приходко ги добија двата сингл меча. Македонија води со 2:0 во мечот и останува да се игра уште мечот во двојки, но добро е да се оствари максимален триумф.
Препорачано
Во првиот меч, кој беше и во прекин поради дожд во вториот сет Калин Ивановски го совлада Дони Гаши со 2:0 во сетови (7:5, 6:4). На тој начин Ивановски ја оствари и втората победа откако вчера го донесе единствениот поен за Македонија во мечот со Молдавија.
Во вториот меч Приходко беше убедлив против Јасин Јакупи и го совлада со 2:0 во сетови, притоа загуби само два гема во мечот (6:1, 6:1). Да се надеваме дека здравствените проблеми за Приходко и проблемите со грчеви од вчера се надминати.
Во мечот во двојки за македонскиот тим се пријавени Ивановски и Приходко, додека за Косово на теренот треба да се појават Гранит Бајралиу и Салидин Рама. Сепак селекторот Горан Шевченко може да направи и промени во тимот за овој меч.
Во вториот меч од групата Молдавија води против Грузија со 2:0 со што го обезбеди и првото место во групата и промоција во Втората Светска група бидејќи утре ќе игра против аутсајдерот Косово.
Македонија утре ќе игра против Грузија, директен дуел за второто место во групата.
Во групата А Летонија поведе со 2:0 против Црна Гора, додека Република Ирска го победи Азербејџан (2:0).


