Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Профит од 72,8 милиони евра направиле банките во првите три месеци од годинава

Заработката на банките од каматите изнесувала 148,9 милиони евра, а од провизиите 47,5 милиони евра

Во првите три месеци од годинава банкарскиот сектор направил вкупно нето-добивка од 72,8 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка. Овој износ е сличен како и во првото тримесечје од 2025 година кога профитот на банкарскиот сектор бил 72,6 милиони евра.

Заработката на банките од каматите изнесувала 148,9 милиони евра, или 2,7 милиони евра повеќе отколку истиот квартал во 2025 година. Од провизии, пак, банкарите заработиле 47,5 милиони евра, што е за 3,3 милиони евра повеќе отколку ланскиот прв квартал.

Банките истовремено имаат обврска и да им плаќаат на граѓаните и на фирмите камата за нивните депозити. Но, тој износ е драстично помал. Расходите за каматите во првиот квартал од годинава изнесувале 37,1 милион евра. Расходите за провизиите изнесувале 17,4 милиони евра.

Вкупните кредити на 31 март годинава достигнале 9,3 милијарди евра и износот е за 13,1 процент поголем отколку на 31.3.2025 година.

Вкупните депозити изнесуваат 10,8 милијарди евра и тие се зголемени за 11,3 проценти на годишна основа.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во март 2026 година, е незначително намалена на месечно ниво, за 0,03 процентни поени, но на годишно ниво, намалувањето изнесува 0,45 процентни поени. Така, просечната камата за кредитите била 4,7 проценти.

Податоците на Народната банка покажуваат и дека просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,18 проценти и забележа месечен пад од 0,01 процентен поен, додека на годишно ниво немало промена.

Во јавноста, а и од Народната банка, стигаа силни реакции за провизиите на банките. И покрај тоа се најавува нов бран на зголемувања на трошоците.

Провизиите „горат“- за водење на сметка во банка 35 денари месечно, за плаќање сметка на шалтер 50 денари

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот