Евакуацијата од Блискиот Исток беше законска — ги спасувавме граѓаните во воени услови, вели МНР
Министерството за надворешни работи ги отфрли наводите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации дека тендерот за евакуација од Блискиот Исток бил наместен и дека незаконски биле исплатени околу еден милион евра однапред.
Препорачано
Од Министерството реагираат дека во анализата не е земено предвид дека евакуацијата се спроведувала во услови на воен конфликт и сериозна безбедносна закана за македонските граѓани во регионот.
Според МНР, постапката била спроведена врз основа на одлуки на Владата и согласно законите, со цел граѓаните безбедно и навреме да бидат извлечени од кризното подрачје.
Оттаму објаснуваат дека прво биле испратени покани до девет компании, но ниту една не доставила понуда. Потоа, по информација од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата „Флај Дубаи“ може да обезбеди летови, била започната постапка со единствениот достапен оператор.
Министерството, исто така, тврди дека изборот на авиопревозникот бил направен врз основа на информации од дипломатските претставништва, откако биле исцрпени другите можности.
Според МНР, во услови на војна и затворен воздушен простор, многу меѓународни авиокомпании ги прекинале летовите кон регионот, па на располагање останале само неколку превозници од Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Министерството ги отфрла и обвинувањата за авансното плаќање, наведувајќи дека тоа било услов поставен од авиопревозниците поради кризата.
„Особено неодговорно е што без докази се пласираат сомнежи за корупција или местење на постапката. Таквите конструкции не се поткрепени со ниту еден факт, документ или доказ“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Тие додаваат и дека се подготвени да ги отворат сите детали од постапката за проверка.
„Факт е дека македонските граѓани беа безбедно евакуирани од кризното подрачје. Факт е дека постапката беше спроведена во исклучително сложени и непредвидливи околности. И факт е дека Министерството постапуваше исклучиво и целосно во согласност со законите и во интерес на безбедноста на своите граѓани“, велат од МНР.


