Кузмановска од МНР рече дека министерството го почитува правото на самоодбрана, но не и за Иран: „Го поддржуваме и правото на водење војни“
„Ние сме дел од европското семејство, кандидат за членка на Европската Унија, нашето делување мора да биде рака под рака со ЕУ. Усогласени сме со сите резолуции. Како мала земја, во голема мера зависиме од инструментите на меѓународниот поредок. Ние секогаш сме на страната на примената на меѓународното право и конвенции“.
Препорачано
Ова го изјави државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска, на панелот „Градење инклузивни и отпорни заедници – од резултати кон одржливи политики“, организиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), посветен на радикализацијата и на денешните онлајн и лице в лице методи за радикализирање на младите во Македонија.
Таа говореше и за хибридните и онлајн закани, улогата на медиумите, како и за улогата на вештачката интелигенција во радикализацијата.
– За Блискиот Исток има дијаметрално спротивставени гледишта. Ние во целост ги почитуваме правилата на меѓународното право што важат за воените конфликти, правото на секој да се одбрани. Се соочуваме со хибридни закани. Ова сѐ повеќе добива безбедносна димензија, тие дејствуваат на намалување на довербата во ЕУ и во нашите институции – изјави Кузмановска.
Но, на прашање од репортерот од „Слободен печат“ дали тој принцип, односно правото на самоодбрана според меѓународното право, важи и за Иран, односно дали Кузмановска индиректно мислела на Иран кога зборувала за тој принцип, државната секретарка одговори:
– Не го кажав во тој контекст и не можеш да го поврзеш со таков одговор. Ние во принцип ги поддржуваме сите правила што важат во меѓународното право, меѓутоа и правото на водење војни, кои, сепак, сѐ уште постојат како меѓународни практики.
„Слободен печат“ поседува аудиозапис од одговорот на државната секретарка.
Според Повелбата на Обединетите нации, основното правило е дека државите мора да се воздржат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на друга држава, а исклучок е правото на индивидуална или колективна самоодбрана само „ако се случи вооружен напад“, сè додека Советот за безбедност не преземе мерки; мерките преземени во самоодбрана треба и веднаш да му бидат пријавени на Советот за безбедност.
Меѓународниот суд на правдата дополнително нагласува дека самоодбраната е врзана токму за постоење „вооружен напад“, а Резолуцијата 3314 на Генералното собрание на ОН дефинира агресија како употреба на вооружена сила од една држава против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на друга.
Оттука, во правна смисла, не постои општо „право на војна“, туку многу тесно поставено право на самоодбрана и можност за употреба на сила кога тоа ќе го одобри Советот за безбедност.


