Павле Трајанов - претседател на ДС / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

„Македонија засега е безбедна, но проценките бргу се менуваат“: Трајанов најави нов закон против екстремизмот

Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов, истакна дека, иако Иран е далеку од Македонија, глобалните конфликти неизбежно влијаат и врз домашната безбедносна слика, но според податоците што ги следат службите, засега нема показатели за директна опасност од радикализација во земјава.

Во услови на војната во Иран и на пошироките безбедносни турбуленции на Блискиот Исток, Македонија засега останува мирна и стабилна држава, со многу ниско ниво на загрозеност, но проценките можат бргу да се менуваат, предупреди националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов.

Тој говореше на панелот „Градење инклузивни и отпорни заедници – од резултати кон одржливи политики“, организиран од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), посветен на радикализацијата и на денешните онлајн и лице в лице методи за радикализирање на младите во Македонија. Во фокусот на неговото излагање беа екстремизмот и радикализацијата во контекст на актуелните геополитички случувања.

„Засега нема показатели за директна опасност“

Трајанов истакна дека, иако Иран е далеку од Македонија, глобалните конфликти неизбежно влијаат и врз домашната безбедносна слика, но според податоците што ги следат службите, засега нема индиции за директна опасност од радикализација во земјава.

Тој рече дека последиците од војната во Иран и на Блискиот Исток веќе се чувствуваат, особено во економската сфера, преку растот на цените на енергијата и пошироките ефекти што тоа може да ги има и врз Македонија.

ВИДЕО | Европол разби десничарска екстремистичка група што подготвувала напади во Европа

Дали ќе има нови бегалски движења во Европа?

Сепак, Трајанов предупреди дека евентуална копнена интервенција во Иран би можела да отвори нови бегалски движења кон Европа, а со тоа и ризик миграциските маршрути да бидат злоупотребени од луѓе спремни за вршење насилство.

— Во услови на сложени геополитички и безбедносни состојби, многу тешко е да се процени и предвиди во која насока ќе се движат работите и какви рефлекси ќе има војната во Иран — рече тој.

„Психолошка војна на Балканот“

Во своето излагање, националниот координатор за спречување насилен екстремизам се осврна и на регионалните безбедносни ризици, велејќи дека на Балканот е присутна „психолошка војна“ преку пренагласување на воените капацитети, ширење стравувања за можни судири и наративи за прекројување граници.

Според него, таквите сценарија не се реални, меѓу другото и затоа што најголем дел од балканските држави се членки на НАТО или аспиранти за членство во Европската Унија.

Трајанов нагласи дека Македонија е дополнително заштитена поради целосната усогласеност на надворешната и безбедносната политика со политиките на ЕУ, како и поради силните односи со САД. Во тој контекст, Трајанов оцени дека токму таквата позиционираност ја зголемува безбедноста на државата и придонесува за зачувување на стабилноста во регионот.

Откриена радикална ќелија во Скопје – спремале одмазда за своите браќа

Нов закон против радикализацијата

Трајанов информираше и дека Националниот комитет соработува со повеќе од 20 невладини организации, при што акцентот е ставен на превенцијата, јакнењето на институционалните капацитети, како и на рехабилитацијата и реинтеграцијата. На 30 октомври минатата година, додаде тој, бил донесен и заеднички акциски план за борба против тероризмот меѓу шест држави, меѓу кои е и Македонија, со сугестии и поддршка од Европската Унија, а во неговата реализација се вклучени и невладини организации.

Во тек се и подготовки на нови акти и законски решенија, меѓу кои и регулатива за следење на онлајн радикализацијата и за отстранување екстремистички содржини од интернет-просторот.

Македонија, како и другите држави од Западен Балкан, има обврска да реализира низа мерки предвидени со Заедничкиот акциски план со Европската Унија, чија цел е усогласен национален и регионален одговор.

Дополнително, Трајанов најави дека се подготвува и нов закон за заштита на таканаречената мека инфраструктура и „меките цели“, имајќи предвид дека современите безбедносни закани сè повеќе вклучуваат и средства како дронови, чие внесување и користење треба појасно да се регулира, вклучително и при преминување на државната граница.

Екстремистички активности и финансирање преку криптовалути

Трајанов говореше и за начините на регрутација на нови екстремисти, како и за финансирањето терористички активности преку криптовалути, што, според него, е исклучително тешко за откривање и следење.

Според Трајанов, Македонија веќе располага со мултидисциплинарни тимови кои работат на превенција и рано препознавање на ризиците.

Настанот беше поделен во два панела – едниот посветена на глобалните конфликти и безбедносните ризици поврзани со радикализацијата, хибридните закани и прашањето на повратниците, а другиот фокусиран на онлајн радикализацијата и предизвиците во дигиталната ера.

На настанот учествуваа претставници на институциите, безбедносни експерти и геополитички аналитичари, кои дискутираа за екстремизмот, радикализацијата и безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот