Претседателката молчи за наводната шпионска афера – растат сомнежите за криење на снимките од Вила Водно
Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиер… и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме, изјави премиерот Мицкоски.
Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова одлучи да молчи за сомнежите за шпионажа и индициите дека се извлекувале податоци од компјутери во нејзиниот Кабинет кои наводно требало да завршат кај странска служба.
Препорачано
Министерството за внатрешни работи не одговори и на дополнителните прашања на „Слободен печат“ зошто и по пет месеци нема никакво известување за видеоснимки од безбедносните камери во и околу Кабинетот за претседателката. Само соопштија дека при крај се со анализата на доказите.
– Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи во врска со случајот за кој прашувате веќе постапува по две Наредби добиени од ОЈО за ГОКК доставени на 12.02.2026 и 25.03.2026 со кои се бара да се изврши анализа на електронски доказен материјал. Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Напоменуваме дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал за кој е потребен поголем временски период. Анализата е во завршна фаза и во наредниот период целокупниот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО за ГОКК. По целосно расчистување на случајот јасноста ќе биде соодветно известена – се вели во одговорот од МВР, без да се споменат снимките.
МВР не дава известување за снимките
Надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ која деновиве е во центарот на вниманието за случајот со мазутот и секојдневно е на „отстрел“ од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ги барала снимките и од Кабинетот на претседателката и од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и од МВР, чија била надлежноста за чување и располагање со копиите.
– На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на претседателката не располага со копии од видео-надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео-записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео-надзорот – соопшти Обвинителството кое детално ја објасни предистрагата која ја води за овој случај, односно за извлекување и шифрирање на доверливи податоци и сѐ што презеле досега.
Изјава за наводната афера даде само премиерот Христијан Мицкоски, кој се обиде да ја минимизира предистрагата што ја води Обвинителството, го нападна Абази кој го прогласи за виновен што пропаднала истрагата за мазутот бидејќи бил близок до ДУИ, а овие информации рече дека потекнувале од „шпионски талог“ во општеството.
– Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели премиер итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме – изјави Мицкоски.
До нашата редакција стигна анонимна кривична пријава што била поднесена и до Обвинителството, потпишана од „група вработени во МВР“, според која, се копирале и енкриптирале, односно се шифрирале податоци во таен код, наводно за да завршат кај странски разузнавачки служби.
Владата не ја коментира предистрагата
Според информациите наведени во пријавата, под сомнение е ИТ администратор во Кабинетот на претседателката. Во пријавата се споменуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои имало сомнежи дека можеби учествувале во прикривање на доказите, па дури и високи владини функционери кои наводно ургирале кај претседателката и кај обвинителката да го затворат случајот.
Од Владата за „Слободен печат“, на нашето прашање дека висок владин функционер вршел притисок врз претседателката да се затвори случајот, во целост ги отфрлаат овие тврдења.
– Владата не коментира наводи од тековни предистраги или постапки што се водат од страна на надлежните органи. Секоја информација поврзана со тековни предистраги останува во надлежност на истражните органи, кои работат самостојно и согласно закон. Владата останува посветена на почитување на институционалните процеси. Напоменуваме дека сме информирани дека надлежните органи треба да ги преземат сите соодветни средства кои им стојат на располагање, а Ве молам подетално за тоа од каде и кој ги пласира тие наводи на кои се повикувате? Ние ниту сме виделе такво нешто, ниту постои такво нешто и во целост ги отфрламе овие тврдења – велат од Владата.
Во анонимната пријава има и други детали за обиди за заташкување на тоа што се случувало во ноември лани во Вила Водно, кои засега не можат независно да се потврдат.
Во пријавата се бара отворање на постапка со друг обвинител, форензичко вештачење на сите електронски уреди, сервери, телефони и медиуми користени од лицата, прибирање на видеонадзор, логови, ВПН записи, електронска комуникација и пристапни листи, проверка на евентуално компромитирани класифицирани информации и НАТО комуникации.


