Архивско фото

Со лична карта ќе се спречуваат злоупотребите при етничките вработувања

Предлог-законот за соодветна и правична застапеност до кој дојде „Слободен печат“, го утврдува принципот на мерит-систем или системот на заслуги како доминантен, што значи дека примарен критериум при вработување и унапредување на работното место кај граѓаните од заедниците ќе биде професионалноста. Вклучени се и клучните забелешки и препораки на Венецијанската комисија

Личната карта треба да биде гаранција дека ќе нема злоупотреба на етничката припадност при вработувања во администрацијата. Ова е решението во Предлог-законот за соодветна и правична застапеност кое помина на седницата на Владата, а до кој дојде „Слободен печат“.
Дали законот ќе биде изгласан во Собранието, ќе зависи од тоа дали власта ќе обезбеди Бадентерово мнозинство, со оглед на тоа дека албанската опозиција е против. Битно е и дека при вработувањето на новите административци, приоритет ќе бидат квалификациите и стручноста, а дури потоа припадноста на некој етникум.

Предлог-законот, кој деновиве се очекува да влезе во собраниска процедура, предвидува и прераспределба на кадри во други институции ако во некоја од нив има превработени од еден етникум. Контрола дали институциите го почитуваат законот, ќе врши специјално координативно тело, формирано од Владата.
Озаконувањето на правичната застапеност доаѓа откако лани Уставниот суд го укина „балансерот“, алатката за вработување според етничката припадност во државните институции. Новото законско решение го помина и филтерот на Венецијанската комисија.

Целта е да се обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка

Според Предлог-законот, основната цел е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на Македонија – соодветната и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции. Законот треба да обезбеди доследна примена на ова начело преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор. Клучни начела на законот се недискриминација и еднакви можности со кои се гарантира дека сите граѓани имаат еднаков пристап до сите јавни функции. Примарен критериум при вработување и унапредување на работното место е професионалноста. Законот го утврдува принципот на мерит-систем или системот на заслуги како доминантен.

„Во таа смисла, се предвидува дека квалификациите, стручноста и професионалните способности претставуваат примарен критериум, додека припадноста кон одредена заедница може да се земе предвид само како секундарен фактор, и тоа исклучиво во случаи кога кандидатите имаат еднакви квалификации. Со ова се обезбедува усогласеност со современите европски стандарди и препораките на Венецијанската комисија“, пишува во Предлог-законот.

Законот предвидува дека мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност мора да бидат пропорционални, соодветни и временски оправдани, при што изречно се нагласува дека тие не смеат да доведат до автоматска примена на етнички критериуми или воспоставување ригидни квоти при вработувањето.
Граѓаните при вработување во администрацијата доброволно се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница ѝ припаѓаат. За да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, се земаат личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган. Ако се утврди злоупотреба, кандидатот ќе биде одбиен за тој оглас и не ќе може да се пријави на оглас во следните три месеци.

Според Предлог-законот, диференцијалниот третман за остварување и унапредување на соодветната и на правичната застапеност на подзастапените заедници со цел обезбедување ефективна еднаквост, нема да се смета за дискриминација. Диференцијалниот третман се применува меѓу кандидати со еднакви квалификации, искуство и професионални способности со цел да се обезбеди ефективната еднаквост, без да се наруши принципот на компетентност.

Според слободно толкување, ова значи дека ако двајца кандидати од различни етникуми конкурирале и имаат еднакви квалификации, предност ќе има кандидатот од етникумот кој не е или е минимално застапен во одредена институција.

Органите на државната власт и другите јавни институции, на сите нивоа преземаат мерки за да обезбедат целосна и ефективна еднаквост на граѓаните за афирмација, унапредување и заштита на соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Мерките треба да обезбедат еднаков пристап до вработување и унапредување во јавниот сектор и не смеат да доведат до примена на етнички критериуми по автоматизам.
Битно е подобрување на застапеноста на граѓаните што припаѓаат на заедниците што се подзастапени во институциите, при што квалификациите, стручноста и компетентноста претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите.

Која е улогата на координативното тело

Координативното тело ќе биде надлежно за спроведување на правичната застапеност. Ќе го определува Владата и со него раководи вицепремиер, а во него ќе членуваат и министрите за јавна администрација, за односите меѓу заедниците, за финансии, за добро владеење, директорот на Агенцијата, народниот правобранител, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, два универзитетски професори и еден претставник од граѓанскиот сектор.
Координативното тело го следи и го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На барање на ова тело, сите надлежни органи се должни во рок од 30 дена од приемот на барањето да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор, во согласност со начелото на соодветна и правична застапеност, во соработка со владиното координативно тело ја донесува Агенцијата. Ако се утврди надзастапеност на припадници на одредена заедница во некоја од институциите, координативното тело е должно да предложи редистрибуција на новите вработувања, во согласност со методологијата,
при што надзастапеноста не смее да биде причина за престанок на работниот однос поради припадност на одредена заедница. Во институциите каде што е постигната или надмината соодветната застапеност, не треба да се планираат нови вработувања.

Предлог-законот ги вклучува клучните забелешки и препораки на Венецијанската комисија дека мерит-системот мора да претставува темел на секој систем на вработување во јавниот сектор. Според Владата, законот ги содржи клучните барања – предност на компетентноста при вработувањата, пропорционалност на мерките, избегнување автоматски етнички квоти и гаранција на еднакви можности на сите граѓани.

Реакции во албанскиот блок партии

Албанскиот опозициски блок на нож го дочека Предлог-законот и оцени дека претставува брутално назадување.

– Ова е отворено предавство кон секое достигнување за кое се жртвувало со децении. Секогаш кога мислиме дека го допреле дното, тие наоѓаат нов начин да паднат уште подолу. Предлог-законот, изработен од Каракамишева и поддржан од Вреди, не е напредок, туку брутален регрес – реагираше ДУИ.

Партијата на Ахмети критикува дека нема етнички квоти и дека тоа може да нè врати во ситуација слична на таа од пред 2001 година, кога застапеноста на Албанците во администрацијата била минимална. Дека нема обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработување, ниту, пак, се предвидени казни за непочитување на одредбите.

Владејачката Вреди, пак, смета дека со вакво законско решение за првпат се воспоставува ред за сите, се формира координативно тело, на чело со вицепремиер Албанец, кое ќе го следи спроведувањето на законот и ќе ја повикува секоја институција на одговорност. Според Вреди, повеќе нема простор за измама и за лажни изјави.

– Овој закон е за секој Албанец, кој со години чекал да биде третиран правилно. Да го добие својот дел. Ја заменивме алатката со закон затоа што Албанците не се алатка. Албанците се закон – велат од Вреди.

Личната карта ќе ги спречи манипулациите со „балансерот“, законот за правична застапеност утре на Влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот