ВИДЕО | Нов голем пожар беснее кај штипско Ново Село — горат куќи и лозја, очајнички се бара помош од државата
Голем пожар одново се прошири кај Штип, а на социјалните мрежи се објавени очајнички повици за помош. Пожарникарите спасуваат луѓе кои се нашле во лозја, а зафатени се повеќе објекти, меѓу кои и неколку куќи, а досега е повреден најмалку еден човек.
Препорачано
Пожарникарот Александар Ѓорѓиевски на „Фејсбук“ објави неколку драматични видеа во кои бараше итна реакција на надлежните служби, односно тие да испратат авиони и хеликоптери за гаснење на пожарот, кој се шири со голема брзина поради силниот ветер. Ѓорѓиевски тврдеше дека овој пожар, како и вчерашниот над градот Штип, се подметнати. Тој нешто подоцна ги избриша објавите.
Локалната телевизија „Стар“ на социјалните мрежи објави видеа кои ги покажуваат размерите на пожарот.
Според последните информации, авионите „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување веќе се ангажирани на гаснење на големиот пожар.
Вчера пожарникарите се бореа со голем пожар кој ги зафати ридовите над Штип и им се закануваше на неколку населби. Според првичните информации објавени синоќа, кои не беа потврдени, пожарот избил од удар на гром.


