Кит - Фото: Pexels

На морското дно пронајдена гробница на китови стара пет милиони години

Во југоисточниот дел на Индискиот Океан е откриено огромна гробница на китови, која се протега на неверојатни 1.200 километри. Ова фасцинантно место се наоѓа во зоната на фрактурата Дијамантина, Дијмантински ров, област на океанското дно со специфични подводни гребени и ровови, лоцирана на дури 7 километри длабочина, пишува „Би-би-си“.

Сепак, она што предизвика најголема возбуда кај научната заедница е староста на остатоците, некои од нив датираат од пред дури 5,3 милиони години.

Оваа подводна некропола ја откри тим од истражувачи од Кина, Италија и Нов Зеланд. Како што пренесува престижното научно списание „Нејчер“, местото буквално е преплавено од организми и суштества кои „најверојатно се целосно нови за науката“.

Кит – Фото: Pexels

„Далеку над сè што можевме да замислиме“

Еден од авторите на ова големо истражување, Сјаотонг Пенг од Кинеската академија на науките, не го криеше своето воодушевување:

„Откривањето на некропола од вакви размери беше целосно неочекувано. Големината на нејзината распространетост, длабочината и старосниот опсег беа далеку над сè што можевме да замислиме.“

За време на дури 32 подводни нуркања до оваа екстремна длабочина, истражувачите успеале да соберат примероци од 485 фосилизирани локации и активни места каде што паднале угинати китови. Притоа, тие пронашле вистинско богатство од остатоци, вклучувајќи го и скелетот на еден одамна изумрен вид кит.

Пронајдени се нови и изумрени видови

Меѓу фосилизираните черепи во подводните гробови бил идентификуван видот Pterocetus benguelae, праисториски кит со клун, чија старост се проценува на 5,3 милиони години. Најголемото поединечно откритие на тимот бил петметарски труп на антарктички минке кит.

Кит – Фото: Pexels

Дополнително, тимот открил и сосема нов вид на кит, кој во чест на локацијата каде што е пронајден го доби името Pterocetus diamantinae.

Во оваа подводна заедница, која опстојува и се храни благодарение на огромниот број мртви трупови на дното, научниците забележале и разновидни медузи, црви и ракови прилагодени на живот во екстремни услови.

Како најава за епски филм

„Средбата на Пенг и неговите колеги со ова огромно фосилна гробница е навистина уникатно откритие“, напиша Стивен Џ. Годфри од Поморскиот музеј Калверт во својот осврт за списанието „Нејчер“.

„Иако пристапот до оваа локација е исклучително тежок и ограничен, многу е веројатно дека таму се кријат уште многу возбудливи пронајдоци. Ова без сомнение ќе инспирира нови нуркања со подморници во слични средини во океаните. Трудот на овие научници ме потсети на добар трејлер за првиот дел од некоја епска филмска серија. Се надевам дека во иднина нè очекуваат уште многу вакви научни блокбастери“, заклучува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот