Совети од градинарот „Цветко“: Купете си петунии од локален базар и направете си лeден чај во летните денови
„Кога купувам на базар, се чувствувам како дел од една голема дружина. Заедница составена од луѓе од сите возрасти, од различни делови на Македонија, луѓе кои создаваат, разменуваат и споделуваат. Заедница во која секој може да најде нешто за себе“, вели Предраг.
Шаренилото на цвеќињата, рачните изработки и домашните производи кои може да ги најдеме на базарите создаваат чувство на блискост и заедништво што ја збогатува локалната средина – нешто што навистина е потребно во секој град во Македонија.
Препорачано
Предраг Митрикески-Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природа. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да им се посвети на природата и на грижата за растенија.
Овој пат, тој зборува за базарите како нископрофитни собири кои не се создадени само за заработка, туку се еден потсетник за да си го сакаме своето, да ги поддржиме соседите и да го вреднуваме трудот на уморната рака.
– Мали локални бизниси, полни со богати приказни, собрани на едно место – такви се базарите, започнува – Предраг.
– Од собир на локални цвеќарници во парк, до производи од втора рака во Железара, па сè до кафулиња претворени во мали изложбени простори со тезги и рачни изработки – културата на базарите е едно од моите омилени нешта во Скопје – вели тој.

Тој вели дека неколку пати годишно сите одвојуваат по некој денар и од ваквите базари дома си заминуваат со производи кои носат многу поголема вредност, отколку што покажува нивната цена.
– Сакам да зборувам за убавината на реткото. А, ретко денес е она што е создадено со трпение и љубов, рачно изработен производ, растение насадено дома, закоренето, подарено и размножено од пријатели. За мене нема поубаво чувство од тоа да купам сок од бозел од бабичка која ми раскажува во која ливада го набрала, да пронајдам плоча од чичко што се сеќава кога ја купил во деведесеттите, крем за раце со какао путер направен со душа или слатко од смокви подготвено од пензионерка која во секоја тегла вложила дел од своето искуство – открива тој.
Тој препорачува да си земете петунии од локален базар, цветот може да го исушите и да си направите убав леден чај (доколку не е третиран со пестициди), за да се разладите. Но, за него и лавандата, рузмаринот и јасминот се одличен избор за овие летни денови, да ви мирисаат незаборавно.
– Исто така рачно изработен накит е најубавиот украс на телото кога сонцето е најсилно, јас моите маички летово решив да ги купувам исклучиво од македонски креатори. Парче облека со приказна, кое добива втора шанса, за мене е многу повредно од уште едно парче полиестер на полица во трговски центар. Тегла домашна зимница има повеќе вкус од која било храна произведена на индустриска лента – вели Предраг.

– Кога купувам на базар, се чувствувам како дел од една голема дружина. Заедница составена од луѓе од сите возрасти, од различни делови на Македонија, луѓе кои создаваат, разменуваат и споделуваат. Заедница во која секој може да најде нешто за себе – додава тој.
View this post on Instagram
Тој длабоко верува во колективната свест и во моќта на малите добри дела. Верува дека ваквите настани заслужуваат многу поголема посетеност, затоа што не нудат само производи, туку нудат и чувство на припадност.
– Во време кога сè почесто сме поврзани преку екрани, токму чувството на заедништво е најубавиот подарок што можеме да си го дадеме едни на други – заклучува тој.


