Фото: Пекселс/lars-bugge-aarset

Климатски шок — Рекордни зимски температури на Антарктикот будат страв од забрзан колапс на климата

Температури над 15°C во овој дел од годината се „крајно чудни“, велат научниците, додека снегот се топи, а дожд паѓа врз ледниците во вообичаено замрзнатиот регион. Температурите на Антарктикот се искачија над 15°C овој месец, уривајќи го претходниот зимски топлински рекорд за овој инаку замрзнат регион и предизвикувајќи сериозна загриженост кај научниците за брзината со која се случува климатскиот колапс, пишува „Гардијан“.

Новиот зимски температурен пик беше регистриран од аргентинската база „Есперанца“ на полуостровот Тринити на 6 јуни, во ек на долготраен топлински бран, каде што максималната дневна температура ја надминуваше нулата цели три недели по ред.

Научниците истакнуваат дека измерените 15,4°C го соборија претходниот рекорд поставен на истата станица во 1998 година за дури 2°C.

„Ова е апсолутно лудо. Ова е исто така за околу 20°C над нормалата за овој период од годината. Станува збор за огромна аномалија“, изјави Раул Кордеро, еквадорски професор по климатологија на Универзитетот во Гронинген.

Невообичаено силни топли ветрови од север дувале низ поголемиот дел од Антарктичкиот Полуостров. Една чилеанска метеоролошка станица, „Бунен Ривера“, исто така регистрирала температури близу 13°C.

Антарктик – пингвин -Фото: EPA-EFE/FEDERICO

Пејзажот го менува ликот: Од бел во кафеав и зелен

На островот Крал Џорџ, лоциран на околу 160 километри од базата „Есперанца“, истражувачите известија дека пејзажот речиси целосно го променил изгледот – од доминантно бел, тој станал кафеав, сив и зелен откако температурите таму достигнаа 4,6°C на 6 јуни.

„Минатиот викенд беше многу чуден. Температурите овде отидоа премногу високо, па сè што беше надвор се стопи. Вообичаено во ова време на земјата има околу 20 сантиметри снег и многу мраз“, изјави Луис Муњос, чилеански глациолог.

Муњос раскажува дека тој и неговата колешка Наталија Местре минатата среда се искачиле на врвот на блискиот ледник Колинс на 500 метри надморска височина и биле шокирани кога виделе како дожд го топи мразот.

„Тоа има директно влијание врз глечер, кој токму сега би требало да прима нов снег. Не би смеело да дојде до топење во овој период од годината. Ова очигледно не е добро за глечерот“, предупредува тој.

антарктик
Топење на Анатартикот / Фото: Unsplash/Melissa Bradley

Приближување до точката од која нема враќање

Антарктичкиот регион е под сè поголем човечки притисок, директно преку експлоатација на ресурсите и туризмот, а индиректно преку согорувањето на фосилните горива што ја загрева планетата.

Научниците предупредуваат дека некои од најголемите ледници во регионот, како што се ледниците Туајтс (Thwaites) и Пајн Ајленд (Pine Island), се приближуваат или можеби веќе ја поминале точката од која нема враќање. Нивното целосно топење би можело да го подигне глобалното ниво на морињата за дури четири метри. Дополнително, откриено е дека топењето на антарктичкиот мраз ја забавува глобалната циркулација на океанските струи.

Професорот Кордеро појаснува дека еден единствен зимски топлински бран, колку и да е фрапантен, сам по себе нема да направи огромна разлика во нивото на морињата, но тој е сериозен показател за алармантните долгорочни трендови.

„Овој топлински бран се случи поради екстремно силните западни ветрови. Нивната зачестеност постојано расте уште од 80-тите, а добро е познато дека тоа е директно поврзано со климатските промени“, заклучува Кордеро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот