Фото: Промо

Од 19 до 21 јуни — Крушево домаќин на 17. Меѓународен фестивал на класична гитара

Крушево од 19 до 21 јуни повторно ќе биде во знакот на класичната музика и гитарската уметност, со одржувањето на 17. издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „П.С. Гитар фест Крушево“.

Во просториите на Спомен-куќата на Тоше Проески, фестивалот и годинава ќе донесе богата концертна програма, едукативни содржини и настапи на реномирани гитаристи од регионот, како и можност за афирмација на млади музички таленти.

Фестивалската програма започнува на 19 јуни во 20 часот со концерт на српскиот гитарист Милош Вуковиќ, а ден подоцна, исто така во 20 часот, пред публиката ќе настапи романското дуо „Артисимо“, познато по своите впечатливи изведби и сценска енергија.

Завршницата е закажана за 21 јуни во 12 часот, кога ќе се одржи концерт на учесниците од школата за гитара под менторство на м-р Васко Пиличев. Младите музичари ќе изведат специјални гитарски аранжмани на дел од најпознатите песни на Тоше Проески, оддавајќи почит на неговото музичко наследство.

Низ годините, „П.С. Гитар Фест Крушево“ прерасна во една од најзначајните музички манифестации посветени на класичната гитара во регионот, препознатлива по поддршката на младите таленти и промоцијата на високите уметнички вредности.

Фестивалот е основан од музичкиот педагог Христо Христоски – Мулар, еден од првите учители на Тоше Проески, кој уште во најраните години го препознал неговиот талент. По неговата смрт, организацијата и развојот на фестивалот ги продолжи неговиот син Перо Мулар, задржувајќи ја визијата и духот на оваа културна манифестација.

Поддршката од семејството Проески и одржувањето на фестивалот во Спомен-куќата на Тоше Проески му даваат дополнителна симболика на настанот, кој претставува спој на музиката, образованието и сеќавањето на еден од најголемите македонски музички уметници.

Сите фестивалски концерти се со слободен влез.

Фото: Промо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот