Промоција на две книги со драми од Дејан Дуковски се одржа на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Автор во фокус на јубилејното издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е драмскиот автор Дејан Дуковски и со него се поврзани повеќе програмски целини.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Разговор посветен во негова чест како автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржа на 7 јуни во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
– Уште како студент учествував на фестивалот со „Балканот не е мртов“, љубовна приказна меѓу Турчин и Македонка, текст кој имаше многу напади од типот дека сум против македонската кауза. Но, се појавија неколкумина на фестивалот што застанаа зад претставата и текстот и јас ја добив наградата за најдобар текст. Фестивалот имаше голема улога во моето растење како автор – рече Дејан Дуковски.
Пред разговорот, беше отворена изложба на 75 театарски плакати од претстави работени според драмите на Дуковски низ цел свет. Автор на изложбата е Јасмина Алексова.
– Изложбата на театарски плакати обединува две уметнички практики – драмска и ликовна. И овие плакати се само дел од вкупниот број плакати работени по претставите на Дејан. Плакатот сам по себе претставува еден вид визуелен сублимат на драмскиот текст и неговото поставување на сцена или на филмското платно. Самата улога му е да најави, да информира, да ја испровоцира публиката да го види делото – рече Алексова.
Во разговорот на Дејан Дуковски со Ана Стојаноска, тој се потсети на неговиот учител, Горан Стефановски, за кого вели дека инсистирал да читаат драми, Шекспир: „Тој ни велеше, сè е напишано во античката драма и дека ние треба да рециклираме драми, односно да ги разработуваме истите теми“, рече Дуковски.
На прашањето какви искуства имал со режисерите, посебно со тие со кои работел прв пат, Дуковски истакна дека не секогаш имал среќа.
– Некогаш се случува некои претстави да бидат и подобри од самиот текст, отвориле нови нивоа, нови стојалишта. Многу пати се изгубени дури и оние основните нешта. Тоа е една од вистините кога пишуваш драма, не знаеш каков ќе биде крајниот производ на сцена. Јас секогаш ги затворам текстовите после претставите, односно после интерпретацијата на актерите. Многу пати во самиот процес некои реплики доаѓаат, па пак се прифаќаат, како форма, затоа што е важно да поминат низ филтерот на актерите. Тие најдобро ги детектираат зборовите и чувствата. Драмата не е уметност на самите зборови, драмата е уметност на контекстите и на чувствата кои тие зборови ги носат во претставата – рече Дуковски.
Во разговорот со Дуковски и Ана Стојаноска како професорка сподели свои искуства поврзани со читањето драмски текстови.
– Драмата ја гледаме и вистински ја разбираме во мигот кога ќе ја видиме на сцена. Пред десетина години напишав еден текст „Колку ме боли кога те нема“, според реплика од „Маме му е… кој прв почна“, односно последната песна, во којашто цело време размислувам за сликата на љубовта во драмите на Дејан Дуковски. Кога ги гледате во претстава, тоа не е типична љубовна изјава, тоа е травестија на љубовта, едноставно излегува настрана. И токму мислам дека е тоа многу важно кога ги читаме драмите, да не го заборавиме тој контекст на сценското што го бара баш Дејан. Овој контекст важи и при пишувањето, меѓутоа и при поставувањето на претставата во оваа форма – рече Стојаноска.
Дуковски тврди дека кога репликите ќе се кажат на сцена, тие добиваат поширок контекст и значење.
Тој зборуваше и за првото поставување на „Црно злато“, претстава што в петок ќе гостува на затворањето на фестивалот и ќе биде убава прилика за македонската публика да ја види.
– Мислам дека Оливер Фрљиќ во моментов е еден од поинтересните режисери на овие простори. Мислам дека самата претстава носи автентичен израз, прилично свеж. Претставата не е така ангажирана како што вообичаено се очекува од Фрљиќ. Мислам дека ова е една посмирена негова фаза во драмска смисла – рече Дуковски.
Актерката Катерина Коцевска го сподели впечатокот од премиерата во Белград и истакна дека публиката не поделила куртоазен аплауз, туку многу искрен. Таа истакна дека е голем потег тоа што Стојаноска годинава ја носи претставата во Прилеп.
Во однос на темата поставување и поддршка на новите текстови, Дуковски рече дека смета дека треба да се организираат повеќе драмски читања.
На прашањето дали замислувал кога бил студент дека ќе дојде ден кога неговото дело ќе биде славено на фестивалот од калибарот на „Чернодрински“, тој рече дека токму од Прилеп се лансирал како автор.

Уредничката Оливера Ќорвезироска од име на издавачот „Арс Ламина“ ги промовираше двете книги драми на Дејан Дуковски, посочувајќи дека станува збор за дела објавени во едицијата „Македонски книжевни класици“. Таа направи убав пресек не само на делото и значењето на Дуковски, но и поширока компаративна анализа за македонската постмодерна на која и тој ѝ припаѓа.
– Ова двотомно издание е значајно и јасно видливо од која точка и да се погледне. Како крупните, маркантни објекти што постојано ги гледаме, колку и да сме оддалечени од нив. Како ориентир што ни дава сигурност дека нема да се изгубиме сè додека го имаме во очите, како чувство дека сме таму каде што треба да бидеме. Значајно е за Дејан Дуковски; значајно е за едицијата и за издавачот; уште позначајно е за сите нас, зашто на едно место и со најнов авторски препрочит (што е исклучително важно и возбудливо!) имаме десет драми, сосе најновата „Црно злато (Опиум или Пари)“; а најзначајно е, сепак, за македонската драма, за македонскиот театар, за македонската книжевност и за македонскиот широк културен контекст – рече Ќорвезироска.


