Збирката драми „Да живее Долна Дупка“ од Коле Ангеловски ќе има промоција во Драмскиот театар во Скопје
Во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години Драмски театар – Скопје, на 10 јуни 2026 година (среда), со почеток во 19 часот, во Драмскиот театар ќе биде одржана промоција на книгата „Да живее Долна Дупка“ на легендата на македонската театарска и филмска уметност Коле Ангеловски.
Препорачано
Книгата е збирка на четири комедии: „Да живее Долна Дупка“, „Аферата ‘Рекет’“, „Аферата ‘Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две веќе се поставени на сцените на македонските театри.
„Да живее Долна Дупка“, чиј режисер е самиот Коле Ангеловски, премиерно беше изведена на сцената на Театар „Комедија“ на 29 јануари 2025 година и веќе доживеа десетина претстави. Оваа комедија, во која ликовите ги играат Горан Ников, Жаклина Стевковска, Роберт Ристов и Јаков Спасов, успева со леснотија и хумор, а сепак жестоко, низ сатирична визура да ги согледа и да ги претстави нашата посттранзициска стварност, општествените аномалии и отсуството на вредностите.
„Птица со глава меѓу нозе“, исто така во режија на Коле Ангеловски, пак, премиерно беше изведена на сцената на Драмски театар – Скопје на 10 ноември 2021 година. Преку улогите на актерите Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски, „Птица со главата меѓу нозе“ говори за растргнатоста на индивидуата меѓу сегашноста и минатото, за пандемијата, економската криза и за социјалните превирања во нашава земја.
„Аферата ‘Ладен шприцер’“ од една комична перспектива ни ги претставува аномалиите на начините на кои се одвива локалната самоуправа, а провокативноста на „Аферата ‘Рекет’“, пак, произлегува од тоа што главните ликови се засновани на главните протагонисти од аферата позната на нашата јавност под истото име, но тоа е само почетна точка за Ангеловски, кој на извонредно комичен начин го развива драмското дејствие.

Приредувач и уредник на „Да живее Долна Дупка“ е Свето Стаменов – политиколог, новинар и несомнено еден од најплодните македонски публицисти, автор, коавтор, приредувач и уредник на седумдесетина книги од најразлични жанрови, додека, пак, за дизајнот на книгата се погрижи младата македонска графичка дизајнерка Бојана Симевска.
Книгата е збогатена и со триесетина колор фотографии од претставите „Да живее Долна Дупка“ и „Птица со глава меѓу нозе“ во Театар „Комедија“ и Драмскиот театар. Во сите четири комедии обединети во оваа книга, преку необичните пресврти и извонредно водениот дијалог, Коле Ангеловски успешно им дава драмски облик на актуелностите на нашето време.
Излегувањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и туризам во рамките на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во 2026 година.
На промоцијата за „Да живее Долна Дупка“ на Коле Ангеловски ќе говорат: Роберт Вељановски – директор на Драмскиот театар, Тодор Кузманов – театарски критичар, проф. д-р Гоце Смилевски – писател и драматург, Благоја Чоревски – актер, Ѓокица Лукаревски – актер и Свето Стаменов, додека, пак, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе одиграат фрагменти од претставата „Да живее Долна Дупка“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)


