„Перун Артис“ ја објави пиесата „Голгота“ од Родриго Франсишко на македонски јазик
Неодамна од печат излезе горчливата комедија на познатиот португалски драматичар и режисер Родриго Франсишко со наслов „Голгота“, особено интересна пиеса градена на принципот „театар во театар“, која се занимава со различните толкувања на пиесата „Минети“ од Томас Бернхард, со чие поставување се разнишуваат односите на многу чинители на еден театар.
Препорачано
Со оваа пиеса, Родриго успеа на најпродуктивен можен начин да го синтетизира своето искуство и како драматичар и како режисер, но и како менаџер, па така „Голгота“ е пиеса која со себе носи една универзалност, но и автентичност, иако на моменти потсетува на сценските облици на Луиџи Пирандело.
Родриго Франсишко е резидентен режисер на театарот „Јоакин Бените“ во Алмада, Португалија, каде ја поставил и оваа пиеса со голем успех. Тој има режирано текстови од Алмеида Гарет, Артур Шницлер, Дејвид Мамет, Одон фон Хорват, Ернест Хемингвеј, Всеволод Вичниевски, Ромеу Кореја, Матеј Вишњек, Готфрид Ефрем Лесинг, Ференц Молнар, Мариус фон Мајенбург и Август Вилсон.
Неговата постановка на „Надвор од грижата“ од Александар Зелдин ја освои наградата за Најдобра претстава на годината 2023 година, доделена од Португалското друштво на автори.
Покрај „Опаѓачката месечина“ и „Подесување“, тој ги напиша и „Пукнатина“ (2017), објавена на шпански јазик во списанието АДЕ, „Човекот повеќе не е ист“ (2021), како и оваа комедија под наслов „Голгота“ (2023).
Пиесата „Голгота“ е објавена во превод од португалски јазик на Анета Маневска и е издание на издавачката куќа „Перун Артис“ од Битола.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)


