Настанот ќе се одржи на 6 јуни од 10 до 22 часот

Музиката, винилот и врвниот звук ќе се спојат на аудиофилски саем во „Дајмонд мол“

Љубителите на музиката, колекционерите на винилни изданија, аудиофилите и сите што сакаат да ја почувствуваат магијата на аналогниот звук на 6 јуни во „Дајмонд мол“ ќе имаат единствена можност да бидат дел од Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема.

Настанот „Винил фест“ на едно место ги обединува музичката култура, колекционерството, издаваштвото и најсовремената аудиотехнологија. Во текот на целиот ден, почнувајќи од 10.00 до 22.00 часот, посетителите ќе можат да истражуваат богата понуда на винилни плочи, компакт-дискови, музички сувенири, ретки и колекционерски изданија, како и аудио опрема претставена од 27 учесници од Македонија, Србија, Грција, Германија, Италија, Бугарија и Холандија. Саемот претставува ретка можност за директна средба и размена меѓу колекционери, издавачи, музичари и љубители на музиката од регионот и Европа.

Посебна вредност на настанот му дава богатата програма исполнета со промоции, разговори и потпишувања албуми, каде што посетителите ќе имаат можност непосредно да се сретнат со автори, музичари и издавачи. Ќе бидат претставени десетици домашни изданија, од современа македонска продукција до култни албуми кои оставиле траен белег на музичката сцена, вклучувајќи го и премиерно преслушување на тест-принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески.

Во текот на денот, атмосферата ќе ја збогатуваат настапите на селектирани диџеи од Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кои ќе понудат музичко патување низ различни жанрови и епохи, претворајќи го саемот во вистински фестивал на музичката култура.

Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата на канвас фотографии и оригинални врамени текстови од историјата на македонската рок-сцена, додека покрај изложбениот дел на аудио опрема, ќе бидат организирани презентации за процесот на производство на винилни плочи, вклучително и видеопрезентација на фабриката „Сони“ (Sony) во Австрија, како и претставување на европски издавачки куќи што активно работат на зачувување и развој на винилната култура.

Дополнителна содржина ќе понудат панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – Лет во место?“ и музичкиот квиз, кои отвораат простор за разговор, размена на идеи и дружење меѓу сите генерации љубители на музиката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот