Длабока трага во урбаната култура и во градската историја создава скопското кафуле „Ван Гог“
Култното скопско кафуле „Ван Гог“ оваа година одбележува голем јубилеј – 40 години постоење и континуирана работа, оставајќи длабока трага во ноќниот, музичкиот и културниот живот на главниот град. „Ван Гог“ е место што со децении претставува симбол на урбаната култура, уметноста, музиката и градскиот дух.
Препорачано
Прославата ќе се одржи со целодневна програма на 6 јуни, која започнува во 12:00 часот и ќе обедини гости, пријатели, уметници, музичари и генерации посетители кои низ годините биле дел од приказната на „Ван Гог“. Настанот официјално ќе биде отворен со обраќање на претставници од „Ван Гог“, по што ќе следува дневна програма исполнета со музика, дружење и ретроспектива на богатата историја на локалот.
Во вечерните часови, од 19:00 часот, започнува официјалниот музички дел со диџеј-сетови и настапи на бендови, кои ќе ја заокружат прославата во духот по кој „Ван Гог“ е препознатлив веќе четири децении.
Во текот на своето постоење, „Ван Гог“ прерасна во повеќе од кафуле – стана место на средби, идеи, уметност, љубов, музика и незаборавни моменти за многу генерации скопјани. Овој јубилеј претставува прослава не само на едно легендарно место, туку и на градската култура и духот на Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)


