Плакат за промоцијата на книгата на Весна Мојсова-Чепишевска

„Матица македонска“ ќе промовира книга со есеи за книжевноста за деца од Весна Мојсова-Чепишевска

Во Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ), во салонот „Империјал 2“, во петок, на 5 јуни, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на „Панили“.

Наместо класична промоција со формални обраќања, книгата ќе биде претставена преку разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, која под менторство на Мојсова-Чепишевска работеше и на магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца. Со тоа, промоцијата ќе добие и дополнителна симболична димензија: дијалог меѓу професорката и нејзината поранешна студентка, меѓу истражувачкото искуство и новата генерација толкувачи на книжевноста за деца.

Извадоци од книгата ќе читаат Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, студентки на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ е книга што отвора широк и возбудлив простор за читање на книжевноста за деца – не како спореден или „помал“ книжевен свет, туку како сложена, богата и културно важна област во која се преплетуваат приказната, играта, детската имагинација, воспитувањето, јазикот, сликата, сцената и современата култура. Делото може да се чита како мала историја, но и како вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца, со јасна свест дека книгите за најмладите читатели не се само прв допир со литературата, туку и прв допир со светот, со вредностите, со стравовите, со радоста и со фантазијата.

Во оваа книга, Мојсова-Чепишевска ја продолжува својата препознатлива посветеност на книжевноста за деца и на македонската книжевна култура, поставувајќи ги добро познатите ликови, приказни и книжевни модели во ново, современо и аналитички прецизно читање. Од Црвенкапа како еден од најпрепознатливите симболи на детското читателско искуство, до Џинџуџе како знак за новите книжевни и имагинативни светови, книгата ја следи долгата и жива патека по која детето станува слушател, читател, толкувач и сопатник на книжевноста.

Весна Мојсова-Чепишевска е една од најистакнатите македонски книжевни теоретичарки, критичарки и универзитетски професорки. Како професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, таа со децении е вклучена во проучувањето, толкувањето и афирмацијата на современата македонска книжевност, а во последните години особено значаен дел од нејзиниот научен и педагошки ангажман е поврзан со книжевноста за деца. Нејзината работа ја поврзува академската строгост со живата читателска љубопитност, а токму таа врска е една од најсилните особености и на новата книга, известија од „Матица македонска“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот