Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на МТФ „Војдан Чернодрински“ / Фотографија Симон Гегај

Интервју со Ана Стојаноска за јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“: Важно е да сме храбри

Детално смислен концепт и интензивни подготовки претходеа на реализацијата на јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а тоа беше голем предизвик за уметничкиот директор и селектор Ана Стојаноска.

Јубилејното издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп почна на 5 јуни и ќе трае до 12 јуни, кога ќе бидат доделени наградите и ќе настапи Београдско народно позориште со претставата „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски во режија на Оливер Фрљиќ.

Отворањето на фестивалот, пак, помина во знак на јубилејот, со хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција, која беше распослана на патека од Театарот „Војдан Чернодрински“, преку Музејот на икони, Градскиот саат, а заврши во Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што имаше и проекција на документарен филм.

Во театарскиот дел беа доделени наградите за животно дело на добитниците Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски, додека фестивалот беше отворен со изведба на претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Драмскиот театар од Скопје.

Фестивалот беше отворен со изведба на претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар од Скопје

Годинава на фестивалот ќе бидат изведени вкупно 13 претстави – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Авторот во фокус е македонскиот драмски автор Дејан Дуковски.

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска, и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.

Во реализацијата на јубилејното издание е вклучена екипа предводена од уметничкиот директор и селектор Ана Стојаноска. Оваа екипа на фестивалот работи четири години и значајно го подигна нивото на претставувањето на македонската театарска продукција, а воведе и многубројни дополнителни активности што ја проширија фестивалската слика, не само во градот Прилеп, туку и низ државата. Јубилејното издание е силен предизвик за целата екипа, а особено е значајно за Ана Стојаноска.

Каков емотивен и физички предизвик беше да се подготви јубилејното издание на фестивалот?

– Секогаш е голем предизвик, и тоа и емотивен и физички, да се подготви секое издание на фестивалот, но мислам дека ова беше најинтензивно, можеби поради мојата лична желба да се направи достоен јубилеј. Емотивно, затоа што сум порасната со овој фестивал, затоа што сакам театар токму поради овој фестивал, затоа што многу луѓе што сум ги сакала и почитувала биле дел од овој фестивал. Физички, затоа што треба да се организира целата моја визија за фестивалот, да се реализираат сите креативни идеи, да се оствари сето она што како приказна сакам да го раскажам за овој фестивал и за овој град. Почнавме со раскажувањето на големата приказна за 60 години истрајност на најголемиот и најзначајниот македонски театарски фестивал, фестивал што ја создава и впишува македонската театарска историја.

Ана Стојаноска на отворањето на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Одлучивте мото на фестивалот да биде „Храбриот нов театар“. Како тоа е пресликано во програмата?

– Во денешно време кога живееме во едно, ајде да го наречеме, општо сеедно и кога не сакаме да излеземе од комфорната зона за да не се соочиме со некој што можеби размислува поразлично од нас, мислам дека треба да се биде многу храбар. Во однос на тоа зошто е земено баш ова мото, затоа што има референца кон неколку важни театарски теми: Хаксли го смислил насловот на својот роман „Храбриот нов свет“ инспириран од една реплика на Миранда во Шекспировата „Бура“. Јас сакав да размислувам во таа насока – дали ние сме храбри во театарот, дали театарот ни дава храброст или само сме во позиција иронично да коментираме.

Во време кога на сите страни се наоѓаме со предизвиците на новото време, на недостиг на емпатија и креативност, сметав дека „Храбриот нов театар“ треба да е мојот личен повик. Многу е едноставно да седиш од страна и да коментираш. Многу е едноставно негативно да критикуваш. Но, многу е потешко да се засукаат ракавите и да се работи. Затоа сметам дека е важно да сме храбри.

А мотото е отсликано во сите аспекти на програмата, од селектираните претстави, перформансите на студентите, во трибините и дискусиите што се дел од фестивалската програма. Мотото е пресликано и во платформите што ги нуди фестивалот за сите храбри и креативни идеи. Едноставно е, ајде да бидеме храбри и гласно да ги изговориме сите работи за доброто на театарот.

Фестивалот се реализира со мото „Храбриот нов театар“ / Фотографија: Елена Мелончели

Кои беа клучните критериуми во селекцијата на претставите за фестивалската програма?

– Критериумите се познати и универзални, како и сите претходни 59 години на овој фестивал: сериозно продуцирана претстава, посветена работа на актерите, третман кон просторот, односот кон драмскиот текст (ако станува збор за претстава работена според драмски текст), корелација со светските и со европските театарски трендови, однос кон сопствените традиција и наследство. И најпосле и најважно, имање став, коментар, однос кон стварноста. Критериумите по кои ги избирам претставите секогаш зависат од концептот на фестивалот и од тоа што сметам дека треба да го покаже фестивалот пред својата публика. И мило ми е што го поставувате ова прашање. Затоа што во време кога никој не сака да создава и почитува критериуми, овој фестивал ги има вградено во својот Статут и во својот начин на работа.

Во еден период имаше идеја (и желба) за комплетно македонска продукција застапена во програмата (и автори и режисери). Зошто таа идеја стана невозможна мисија?

– Тоа е прашање за директорите на театрите. Јас кога дојдов на ова место посакав четвртата година од мојот мандат да ја завршиме со македонска селекција. Но, во меѓувреме се сменија многу работи, се променија и директорите на театрите, така што идејата остана само идеја. Се надевам дека оној што ќе ме наследи ќе го сака фестивалот и ќе креира своја визија во која ќе доминира македонската драма. Истовремено сакам секој театар во својата програма да внесе барем една македонска драма и да им помогне, пред сѐ, на младите автори да станат дел од креативниот процес.

Како реагираат театрите при селекцијата на нивните претстави и дали сите ја прифаќаат?

– Селекцијата е елаборирана пред Собранието на фестивалот, што го сочинуваат директорите или претставниците на институционалните театри заедно со Факултетот за драмски уметности – Скопје и на тоа Собрание секој од претставниците се искажува по повод селекцијата и истата се гласа. Што значи, дека секој од присутните може да ја коментира селекцијата и да го дадам јас објаснувањето за изборот. Секоја селекција што е објавена е изгласана од Собранието на фестивалот. И тоа не само моите, туку и од сите мои претходни колеги затоа што тоа е пропишано според Статутот на фестивалот.

Во фокусот е творечкиот лик на Дејан Дуковски. Што за фестивалот ќе значи неговото присуство во Прилеп?

– Присуството на Дејан Дуковски, најизведуваниот и најпреведуваниот македонски драмски автор денес, значи огромна чест за фестивалот. Организирани се повеќе активности поврзани со работата на Дејан. Како што знаете тие активности почнаа уште пред фестивалот, со разговорот што го организиравме во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје, продолжија со изведбата на неговите драми што ја правеа студентите на ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак, а ќе продолжат и наредниве денови, со перформанс на неговите драми, со промоција на неговите книги, со изложба на постерите од неговите претстави и еден разговор со него пред прилепската публика.

Фестивалот реализира и дополнителни активности. Кои се најзначајните и со каква цел се ставени во програмата?

– По повод јубилејот решив дека треба да имаме можност да проговориме за предизвиците на современиот театар и креирани се две научни трибини и една панел-дискусија. Имаме три изложби, современи и актуелни, поставени хибридно, во духот на мотото на фестивалот. Меѓу сите други активности за мене ова е одлична платформа да се види што и како правиме за македонскиот театар. Фестивалските денови се активни и константно поврзани со многу дополнителни активности. Од утринската „Детска зона“ на фестивалот, промоциите на театарска и театролошка литература, разговорите на тркалезна маса, изложбите, уличните перформанси, дискусиите и трибините со претставите во официјална и придружна програма ја креираат комплетната фестивалска слика.

Во време кога на сите страни се наоѓаме со предизвиците на новото време, на недостиг на емпатија и креативност, сметав дека „Храбриот нов театар“ треба да е мојот личен повик

Какво лично искуство беше раководењето со фестивалот во овие четири години?

– Мое лично излегување од комфорната зона, можност да ја презентирам својата визија за тоа како треба да изгледа современ театарски фестивал, соочување со своите граници и прифаќање на сѐ она што го носи една ваква позиција, неверојатно искуство и можност да го видам светот на македонскиот театар и од оваа страна.

Дали повторно би прифатиле таква функција и како гледате на развојот на театарската уметност кај нас?

– Кога дојдов на оваа позиција кажав дека ќе одвојам само еден мандат од четири години. Сметам дека за сѐ што се работи треба да се биде во рамки на еден мандат, за да се остави простор за следен покреативен и поинвентивен наследник. А за вториот дел од прашањето, сакам да завршам со фестивалските активности, па ќе се посветам на една театролошка анализа на македонскиот театар денес.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот