Постер за „Стрип Трип 2026“ на авторот Марко Марковиќ

Меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип трип“ ќе се одржи од 5 до 7 јуни во МКЦ

Четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип трип“ ќе се одржи од 5 до 7 јуни 2026 година во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Фестивалот годинава носи тридневна програма со изложби, промоции, панели, работилници, цртачки сесии, берза на стрипови, друштвени игри, подкаст во живо и музичка програма.

Главен гостин на „Стрип трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C’era una volta l’Est“ („Беше еднаш на Истокот“). Делото е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот „Лука Комикс“ и наградата „Palmarès“ на неаполскиот „Комикон“. Пешов на фестивалот ќе го промовира македонското издание на „Беше еднаш на Истокот“, а ќе се претстави и со изложба на свои дела и цртачка сесија.

Специјален гостин е и Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“. Во меѓународната програма се вклучени и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.

Македонската стрип-сцена на фестивалот ќе ја претстават Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски.

Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип-наследство“, со која се оддава признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.

Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип и конкурсот за стрип-корица. Победниците ќе добијат финансиски и нефинансиски награди.

Коорганизатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“. Поддржувачи на македонската стрип-сцена вклучени во фестивалот се „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.

Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар, а спонзор на настанот е „Скопско Смут“.

„Стрип трип“ е меѓународен фестивал посветен на стрипот, илустрацијата и културата на деветтата уметност. Фестивалот ги поврзува домашните автори со регионални и меѓународни гости, поттикнува нова публика за стрипот и создава простор за промоција, едукација, размена и соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот