Фатмир Битиќи Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 „Малиот Бадентер“ ќе ѝ заврши голема работа на власта

Во жестока дебата помеѓу владејачката Вреди и опозицискиот Европскиот фронт, Комитетот за меѓуетнички односи одлучи законот за правична застапеност да се носи со т.н. „мал Бадентер“, односно со мнозинство од присутните пратеници и мнозинство од присутните пратеници од немнозинските заедници.
Не помина предлогот на опозициските Европски фронт, Алијанса за Албанците, Албанска лига, како и пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи законот да се гласа со апсолутен или „голем Бадентер“, односно со мнозинство на вкупниот број пратеници и мнозинство на вкупниот број пратеници од заедниците. За опозицијата ова значи почеток на „уривање на унитарниот карактер на државата“, додека власта возврати да не драматизираат и да не прават шоу.

Иако опозицијата најави дека ќе го спречи донесувањето на законот за правична застапеност, сепак одлуката на Комитетот законот да се гласа со „мал Бадентер“ е чекор кон усвојување на законското решение. Ова ќе значи дека власта нема да мора да „брка“ мнозинство од вкупниот број пратеници од заедниците (40), туку само мнозинство пратеници од заедниците кои на денот на гласањето за усвојување на законот ќе присуствуваат во собраниската сала.

Од друга страна, законот за правична застапеност и неопходноста да се утврди по кој принцип треба да се усвои конечно го стави во функција Комитетот за меѓуетнички односи, кој се конституира по две години од конституирањето на Собранието. Пред да дојде на гласање на пленарна седница, законот ќе оди на јавна расправа.

Законот за правична застапеност го чека Комитетот за меѓуетнички односи

 

Во расправата не беа дозволени процедурални забелешки

Кавгата помеѓу власта и опозицијата кулминираше кога претседателот на Комитетот, Аднан Азизи од Вреди, го стави на гласање предлогот на власта законот да се носи со „мал Бадентер“. Ова ги крена на нозе опозициските членови на Комитетот, кои инсистираа Азизи да го стави на гласање и нивниот предлог, односно законот да се носи со „голем Бадентер“.

– Има два предлога што треба да ги ставите на гласање. Треба да се гласа и нашиот предлог – довикуваа Блерим Беџети и Рина Ајдари од ДУИ, како и Битиќи од СДСМ.

Беџети ги предупреди колегите од Вреди да внимаваат како ќе гласаат.

– Јас се надевам дека денешното гласање нема да значи почеток на уривање на унитарниот карактер на државата. Сведоци сме на мајоризацијата што се случува. Затоа овој закон мора да се донесе со „голем Бадентер“ и никако поинаку – предупреди Беџети.

Азизи рече дека си ја знае работата.

– Како и секогаш, сакате да правите шоу, драма и театар, само сакате деструкција. Вие не сте тука за да ми кажете како да ја водам седницата. Ако продолжите така, и јас знам поинаку – му рече Азизи на Беџети, кој тргна кон говорницата за да се обрати процедурално, но Азизи не му дозволи, бидејќи претходно кажа дека нема да има процедурални забелешки по што ги стави двата предлога на гласање.

„Големиот Бадентер“ доби поддршка само од три члена, додека за да се носи законот со „мал Бадентер“ гласаа 11 члена на Комитетот.
Опозицијата смета дека за законот е потребен „голем Бадентер“, бидејќи е од суштинска важност за правата на заедниците.

– Вие предлагате закон што би бил добар за скандинавските земји, за Велика Британија или за САД, каде што се свесни што значи да се живее во мултиетничко општество, знаат што значи правична застапеност на заедниците. Предлагате закон без механизам за заштита при спроведувањето на правичната и соодветна застапеност. Предлагам законот да се носи со „голем Бадентер“ за да не се дозволи мајоризација – рече Битиќи.

 Сали Мурати: Европскиот фронт ќе достави претставка до Уставниот суд

Пратеникот Сали Мурати рече дека ако мнозинството го злоупотреби или се манипулира со Бадентеровиот принцип, Европскиот фронт ќе достави претставка до Уставниот суд.
Рина Ајдари од ДУИ рече дека по укинувањето на „балансерот“, законот што го нуди власта не носи реформа, туку регрес што ќе донесе долгорочни последици.

– Нема механизам што ќе ги задолжи институциите да го спроведуваат законот. Каква реална гаранција им се дава на Албанците и на другите заедници за соодветна и правична застапеност? Никаква! Ако законот не се донесе со „голем Бадентер“, ќе се вратиме во 90-тите години кога бевме мајоризирани – рече Ајдари.

За Илире Даути од Албанската лига, јасно е дека законот треба да се гласа со „голем Бадентер“ и препорача пратениците да го гласаат нивниот предлог-закон за правична застапеност.

– Законот предложен од Владата личи на политичка реклама, не гарантира застапеност на заедниците, нема етнички квоти, нема механизам за казнување, само координативно тело кое ја известува Владата. Законот не гарантира ништо – рече Даути.

Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците смета дека за законот неправедно се барало мислење од Венецијанската комисија, дека не предвидува прекршочни мерки и дека им личи на правилник, а не на закон. Според него, законот „нè враќа во времето пред 2001 година“.
Беким Ќоку од Вреди им возврати на опозициските пратеници дека им завидуваат и затоа ги критикуваат.

– Опозицијата ни љубомори за нешто што тие не успеаја да го донесат за 22 години колку што беа на власт, да го спроведат уставното право. Ние го донесовме за две години. Љубомората не треба да биде пречка за да не го донесеме законот – рече Ќоку.

Според Ќоку, не држат забелешките на ДУИ дека законот ќе се носи со „мал Бадентер“, бидејќи и Законот за употреба на јазиците, кој исто така е многу важен, интегративците го донеле со „мал Бадентер“.

Владата го подготви законот за правична застапеност откако претходно Уставниот суд го укина „балансерот“, односно алатката за вработување на немнозинските заедници во јавни институции, која се злоупотребуваше. Според законот, личната карта треба да биде гаранција дека ќе нема злоупотреба на етничката припадност при вработувања во јавната администрација. Битно е и дека при вработувањето на новите административци, приоритет ќе имаат квалификациите и стручноста на кандидатот, а дури потоа припадноста на некој етникум. Контрола дали институциите го почитуваат законот, ќе врши специјално координативно тело, формирано од Владата.

Со лична карта ќе се спречуваат злоупотребите при етничките вработувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот