Фото: Монтажа

Законот за правична застапеност го чека Комитетот за меѓуетнички односи

Конституирањето на Комитетот доцни две години бидејќи ДУИ и Вреди не можеа да се договорат кој да претседава со тоа работно тело.

Комитетот за меѓуетнички односи ќе решава за процедурата според која Собранието ќе го носи предлог-законот за правична застапеност, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Собранието. Веќе објавивме дека законот за правична застапеност еден месец е заглавен меѓу Владата и Собранието, бидејќи владините партнери не решиле со каква процедура законот треба да се носи. Законот не е на списокот на законски решенија што се носат со Бадентерово мнозинство, а ги засега заедниците. Ова пак, по две години од конституирањето на актуелниот собраниски состав се очекува конечно да ја забрза процедурата за конституирањето на Комитетот за меѓуетнички односи кој сѐ уште е нефункционален, а е уставна категорија.

– Предлог-законот за правична застапеност најверојатно ќе оди на Комитетот за односи меѓу заедниците. Комитетот пак, се надеваме дека деновиве ќе се конституира – велат за „Слободен печат“ собраниски извори.

Гаши преку јавна расправа ќе ја „омекнува“ опозицијата да не го блокира Законот за правична застапеност

Ако претседателот на Собранието Африм Гаши не свика конститутивна седница на Комитетот, пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ ќе го потсетат и ќе го реактивираат барањето конечно да профункционира Комитетот за односи меѓу заедниците. Комитетот заглави бидејќи ДУИ и Вреди не можеа да се договорат кој да претседава со тоа работно тело. ДУИ инсистираше тие да номинираат претседател на Комитетот бидејќи нивната пратеничка група има најмногу пратеници Албанци, но со ова не се согласи пратеничката група на владејачката Вреди па досега не е свикана конститутивна седница иако се номинирани членовите кои треба да го сочинуваат постојаното работно тело.
Според собранискиот Деловник, Комитетот треба да се конституира 60 дена по конституирањето на Собранието. Според членот 3 од Законот, Комитетот го сочинуваат 19 члена од пратениците од кои по седум члена се пратеници Македонци и Албанци и по еден член се од пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Ако некоја од заедниците нама избрани пратеници во Собранието, народниот правобранител ќе направи консултации со релевантните претставници на тие заедници и по добиеното мислење, на Собранието ќе ги предложи другите членови на Комитетот од соодветната заедница.

Пратеникот од Европскиот фронт Сали Мурат во декември лани доставил барање до претседателот на Собранието итно да свика конститутивна седница на Комитетот за односи меѓу заедниците и да се изберат претседател и заменик-претседател. Сали досега не добил одговор од Гаши зошто не е конституиран Комитетот иако во дописот напишал дека „очекува итна реакција и преземање конкретни мерки за отпочнување на работа на Комитетот, како единствен уставен механизам за заштита на правата на заедниците“.
Дали законот за правична застапеност ќе го забрза формирањето на Комитетот ќе биде појасно деновиве.
Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец изјави дека законот е испратен во Собранието, додека од таму тврдат дека законот не е кај нив. Каде заглави законот одговор не добивме од првиот вицепремиер Беким Сали како предлагач на законското решение. Копретседателите на Вреди, Изет Меџити и Билал Касами во досегашните изјави не прецизираа каде заглави законот.
Касами во интервју за „360 степени“ повтори дека законот поминал на Влада и дека според процедурата треба да оди на гласање во Собранието.

– Се надевам дека брзо ќе оди. Тоа е процедура, не сум упатен директно, значи да не кажам каде заглави, туку во која процедура е во моментот законот, но тоа што го знае јавноста е дека беше усогласен во рамките на Владата и сега е процедура кога ќе се пушти во Собрание – рече Касами.

„Слободен печат“ веќе објави дека курцшлусот со законот е поради тоа што тој не е на листата закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство. Според процените, бидејќи ги засега етничките заедници, законот би требало да се носи со двојно мнозинство. Законот помина на Влада и доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, но владините партнери треба да решат во каква процедура треба да биде донесен законот, односно дали за него е потребно Бадентерово мнозинство. За ова, најсоодветно би било да решава Комитетот за меѓуетнички односи.
Законот за правична застапеност иако сѐ уште не влезен во собраниска процедура жестоко ја бранува јавноста, бидејќи ДУИ веќе се закани дека ако е потребно и со физичка сила ќе се спротивстави тој да биде донесен.

ВРЕДИ: Со законот за правична застапеност ги носиме Албанците во центарот на институциите, каде што припаѓаат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот