Гаши преку јавна расправа ќе ја „омекнува“ опозицијата да не го блокира Законот за правична застапеност
Кај сме чекале 25 години, може да почекаме уште неколку недели, само законот да биде квалитетен и таа димензија од Уставот да биде испочитувана со квалитетен закон, рече Гаши.
За законот за правична застапеност во Собранието ќе расправа стручната јавност пред за него да одлучуваат пратениците. Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите информираше дека ќе поттикне широка расправа за предложеното законско решение за да биде прифатливо за сите пратеници. Законот за правична застапеност што уште не е влезен во собраниска процедура, а наиде на жесток отпор од опозицискиот албански блок, па е најавена блокада при собраниската расправа за него.
Препорачано
Според собранискиот спикер, токму со широка расправа за Предлог-законот за правична застапеност ќе треба да се воведе нова собраниска практика – за сите закони да има јавни расправи. Јавните расправи ќе ги организираат претседателите на собраниските комисии за што, според Гаши, има согласност.
– Намерата е да го отвориме Собранието. Претседателите на комисиите да организираат надзорни и јавни расправи, да ги вклучат невладините организации и да има повеќе дебата за секој закон. Идејата е ниеден закон да не помине без да се организира дебата. Сите се согласија дека треба такво нешто да се случува во Собранието и сега ќе зависи од нив – рече Гаши.
Тој вели дека претседателите на комисиите ќе имаат целосна поддршка од Кабинетот и од собраниската служба за да организираат јавни расправи за законите. Законот за правична застапеност сè уште не е во собраниска процедура, па претседателот на парламентот не знаеше дали т.н. голем или мал Бадентер е потребен за да помине.
– Јас ќе иницирам да се организира дебата, бидејќи првпат по 25 години се носи таков закон откако е донесен Рамковниот договор, односно измените на Уставот, и би било добро да го анализираме од сите аспекти. Би сакал широка дебата, повеќедимензионална, експертска, политичка, од секој аспект. Да се испочитува процедурата и да се изрази волјата на пратениците. Треба да сме отворени, да има повеќе „инпути“ и ако може со амандмани да го подобриме законот. Идејата е да донесеме квалитетен закон. Кај сме чекале 25 години, може да почекаме уште неколку недели, само законот да биде квалитетен и таа димензија од Уставот да биде испочитувана со квалитетен закон – рече Гаши.
Опозициските ДУИ и Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села веќе најавија дека ќе предложат свои закони за правична застапеност. Тие сметаат дека во предлогот нема етнички квоти, нема казни за институциите во случај на неспроведување на законот, нема механизам што ќе следи дали институциите го почитуваат законот. Според ДУИ и АА, Предлог-законот од Владата е регресивен.
Гаши најави дека Собранието сака да ја зајакне и надзорната функција и за тоа разговарал со координаторите на пратеничките групи за оптимален број надзорни расправи што би можело да се одржат во текот на една година, кои ќе ги предлага секоја пратеничка група.
„Слободен печат“ веќе го објави предлог–законот кој помина на владина седница и чии битни поенти се дека при вработување на административците клучна ќе е меритократијата, а потоа етничката припадност, граѓаните на оглас за работа во државните институции може, но и не мора да се изјаснат за етничката припадност, дека личната карта ќе биде гаранција против манипулација со етничката припадност на конкурсите за административците, дека ќе се прераспределуваат прекубројните административци од етникумите, во институции каде се дефицитарни некои од заедниците, дека новоформирано координативно тело ќе се грижи за спроведување на законот и дека не се спредвидени казни за институциите коишто нема да го спроведуваат законот.


