Ахмети и Села со свои закони за правична застапеност
Нема да биде изненадување ако паралелно со владиниот Предлог-закон пред пратениците се најдат уште еден или два предлог-закони за правична застапеност од опозициските ДУИ и Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села
Уште невлезен во собраниска процедура, предлог-законот за соодветна и правична застапеност предизвикува бурни реакции, пред сè од опозициските партии на Албанците, кои го оспоруваат. Нема да биде изненадување ако паралелно со владиниот предлог, пред пратениците се најдат уште еден или два предлог-закони за правична застапеност од опозициските ДУИ и Алијанса за Албанците на Зијадин Села, наместо со вообичаените амандмански интервенции при собраниската расправа за законското решение предложено од Владата.
Препорачано
„Слободен печат“ веќе го објави предлог–законот кој помина на владина седница и чии битни поенти се дека при вработување на административците клучна ќе е меритократијата, а потоа етничката припадност, граѓаните на оглас за работа во државните институции може, но и не мора да се изјаснат за етничката припадност, дека личната карта ќе биде гаранција против манипулација со етничката припадност на конкурсите за административците, дека ќе се прераспределуваат прекубројните административци од етникумите, во институции каде се дефицитарни некои од заедниците, дека новоформирано координативно тело ќе се грижи за спроведување на законот и дека не се спредвидени казни за институциите коишто нема да го спроведуваат законот.

Иако предлог-законот минатата недела помина во Владата, тој сè уште не е доставен во Собранието, а пратениците од опозицијата обвинуваат дека власта го чува како да е тајна. Тактизирањето со влегувањето на Предлогот во собраниска процедура можеби е поради необезбеденото бадентерово мнозинство, кое е неопходно за предлогот да помине.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари за „Слободен печат“ вели дека чекаат да го добијат предлог-законот за да одлучат дали амандмански ќе интервенираат на текстот или ќе предложат свој закон.
– Предлог-законот уште не е испратен до пратениците за да ја видиме содржината и да решиме. Наши експерти уште пред една и пол година подготвија драфт-верзија на закон за правична застапеност. Ќе треба да го споредиме со владиниот предлог, па ќе одлучиме. Имаме многу забелешки. Нема етнички квоти, нема казни за институциите во случај да не го спроведуваат законот, нема механизам кои ќе следи дали институциите го почитуваат законот. Координативното тело само ќе ги брои административците во институциите, но нема инструменти да ги натера да го спроведат законот. Тоа и сега го прави Народниот правобранител. Не дека сме против мерит-системот и професионалноста и компетентноста на административците како критериуми, но правичната застапеност е уставна категорија и мора да има етнички квоти. Предлог-законот на Владата е регресивен – вели Ајдари.
И пратеничката од Алијансата за Албанците, Илире Даути, за „Слободен печат“ потврди дека ќе предложат свој закон за правична застапеност.

– Да, како што најави претседателот Зијадин Села, ние ќе предложиме закон за соодветна и правична застапеност во согласност со Уставот, по принципот на етничката припадност. Ова е главната разлика од законот кој го најавува Владата, а кој, според наши информации и од јавните најави на владините претставници, ја нема етничката припадност. Исто така, нашиот закон ќе предвидува и следење на застапеноста, како и механизам за санкционирање на институциите што нема да го почитуваат законот – ни изјави Даути.
Зијадин Села во интервју за МТВ2 за Предлог-законот на Владата оцени дека е „политичка измама“ и производ на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, тоа што се сервира од Владата не е реформа, туку „неуспешна копија“ на „балансерот“. Села вели дека нивниот предлог-закон ќе содржи јасни стандарди и строги казнени мерки за злоупотребувачите.
– Законот ќе биде поднесен за да се постави стандардот, а не лага, како што е предложено. Не смееме да дозволиме ова да помине во оваа форма. Секако, законот мора да има и механизми за казнување. Ќе има казни и отпуштање од работа за секој што манипулира со етничката припадност за да си обезбеди работа – рече Села.
Според него, сегашниот закон има тенденција да го ограничи правото на декларирање на етничката припадност само за време на пописот на населението, што според него е неприфатливо. Тој смета дека секој граѓанин треба да има право да ја докаже својата етничка припадност преку официјален документ од Заводот за статистика при аплицирање за работа.
Со лична карта ќе се спречуваат злоупотребите при етничките вработувања


