Ерол Ризаовa, аналитичар / Фото: Дојче Веле

Како Мицкоски ја враќа довербата во правосудниот систем

Тие што нема да ја препознаат иронијата во овој текст како обид за пародија на нашата реалност можат да го читаат како што и ги прифаќаат лагите за големите успеси на власта.

За само неколку месеци премиерот Христијан Мицкоски и пропагандната фабрика на ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери го постигнаа најголемиот успех на најдобрата влада која мораше да биде реконструирана за да биде уште подобра. Променет е речиси целиот корумпиран правосуден систем. Воспоставено е извонредно успешно владеење на правото во сите судски инстанци. Тоа што на никој не му успеа за 35 години независност на државата со блиц криг акција на власта, во содејство на слободните и објективни медиуми, со генијални и демократски одлуки драматично брзо се враќа довербата и угледот на судството на повиско ниво од 11-годишната успешна ера на „груевизмот“.

Според партискиот кантар на ВМРО-ДПМНЕ на мерење на јавното мислење од само два отсто падната и уништена доверба само во седумте години на СДСМ денес во Македонија беспрекорно функционира судството небаре со 102 проценти доверба. Остварен е најтешкиот реформски зафат конечно да имаме правна држва. Крунски доказ за тоа се сите откриени монтирани судски процеси и изречени драконски затворски казни на невини луѓе.

Македонија повторно кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт е шампион во спроведување на реформите. Успешната акција е изведена на наједонставен начин со поставување на вистински луѓе на одговорни места. Сменети се неспособните, непослушни и корумпирани обвинители, судии, кочничари на правдата во обвинителствата, во Судскиот совет, во апелациските судови, во Врховниот, во Уставниот суд, секаде каде што е потребно за конечно да профункционира правдата. Резултатот е фантастичен.

Македонска „проклета авлија“

Уништена е македонската „проклета авлија“. Слобода за сите онеправдани со извесност да бидат обесштетени за своите патриотски подвизи како мал надоместок за страдањата и неправдите што им се нанесени од монтираните процеси на претходната предавничка власт. Преостанува само уште да бидат целосно рехабилитирани со доделување на највисоки државни признанија и ордени за своите херојски дела. И нормално, да почнат брзите судски процеси во преките судови, како што очекува премиерот против вистинските виновници, предавници на националните интереси и разни криминалци. Има ли поголема правда од тоа невините на слобода, виновниците во затвор. За тоа целосно да се оствари неопходно е да се сменат, или да си поднесат оставки, уште неколку обвинители и судии. Тоа некои мекотели, предавници и европски бирократи и шарлатани го сметаат за притисок врз судството. Не знаат дека тоа му е работа на премиерот да ги кажува јавно своите очекувања од судството да има пресуди за вистинските виновници и слобода за невино обвинетите со монтирани процеси.

Крвавиот четврток во 2017 година со упадот во Собранието не било насилие и обиди за убиство, туку силен патриотски чин. Му докажавме на светот дека ќотекот не излегол од рајот, туку од македонското Собрание. Затоа воопшто немаше потреба од судски процеси и казни. Беше тоа божја работа и граѓанска должност да се удри ќотек на предавниците на националните интереси.

На виделина излезе пред целата јавност вистината дека и изградбата на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ била изведена во строга законска постапка. Тука немало ништо незаконски, ниту пак некаков притисок и ни денар корупција. Нов обвинител и правдата е задоволена.

Премиерот Христијан Мицкоски јавно го пофали судството за праведната одлука. Човекот отворено и ептен транспарентно, за да нема забуни и сомнежи, си кажува кога е задоволен и кога не е задоволен, и што очекува од делителите на правда и неправда. Високо професионална и праведна е пресудата дека сѐ е законски во изградбата на палатата на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата партија на најсиромашниот народ во Европа. Целосно е оправдано кога Мицкоски онака драматично со жалење кажува дека воопшто не е задоволен од толеранцијата на судството за криминалите на опозицијата. Премиер на чесна влада и власт каква што е на ВМРО-ДПМНЕ, без ниту еден случај на корупција и организиран криминал, има морално, демократско и секакво право да прави такви прозивки на нечесно судство и корумпирани политички противници. Затоа и нема потреба прво власта да го чисти својот двор, бидејќи таму сè е чисто како и секогаш.

Иста е постапката и за кочанската трагедија во која животот го изгубија 63 млади луѓе. Нов, проверен, обвинител, наместо тој што е најзапознаен и го водеше предметот од самиот почеток, е најголемата гаранција дека правдата задолжително ќе стаса. Ќе бидат осудени сите што направиле грешки во изминатите десет, или беа повеќе години, со дозволите за работа на кочанскиот крематориум, освен тие и нивните наредбодавачи што таа вечер можеле, односно морале, поради флагрантно кршење на повеќе закони, да ја спречат најголемата трагедија. Што мислите кој ќе биде виновен ако падне владата, мислам ако се урне фасадата на владата при посилен ветер. Дали ветерот, или тие што од кубистичките авангардни коцки од прекрасно архитектонско здание направија фалшива барокна палата со стиропор фасада и лажни столбови. Исто како што е виновен Вардар што подрумите на македонската ренесанса се полни со вода како подземни базени.

Глодарите и лешинарите што ги откри премиерот Мицкоски кои од кочанската трагедија сакаа да направат политичка пресметка барајќи морална и кривична одговорност, ја добија лекцијата на локалните избори. Големата победа на комунални избори, дури и во Кочани, означи дека нема ни морална, ниту пак кривична одговорност во највисоките ешалони на власта. Што сакате повеќе од гласот на народот.

Што не може да се прости

Уште една многу праведна судска одлука го привлекува вниманието за воспоставување правна држава само со условната казна на поранешната претседателка на Антикорупциската државна комисија, обвинета за оддавање службена тајна и некаков си фалсификуван испит, кој наместо неа го положил некој друг. Тоа што таа не покрена ниту еден случај за корупција на високи функционери на власта на безброј чесни тендери е голема олеснителна околност за ваквата пресуда.

Но, непростива беше нејзината грешка што само два месеца претходно државната антикорупциска комисија издаде јавно соопштение дека во имотот на претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, сѐ е чисто и нема елементи на корупција и незаконско богатење. Е, тоа не може да се прости. Тоа соопштение кое во врвот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика шок, слободните и објективните медиуми го прерипнаа според познатото правило тоа што не е објавено не се ни случило. Се тресеше гората со овој случај, се роди глушец со уште една праведна судска одлука, условна казна во догледно време да не се повтори такво нешто. Врв на високиот рејтинг на независното судството е што поради многу обемна работа и прав врз предметите во судските фиоки застаруваат судските постапки стасувајќи до таму некои обвинители да ги повлечат обвиненијата.

Новиот реформски изборен закон за една изборна единица и олеснување во гласањето на дијаспората, исто така, е ремек-дело на новата македонска демократија. Нашите иселеници по белиот свет се бара да можат да седнат пред  својот компјутер и слободно да гласаат, или своите гласови да ги пратат на соодветна адреса по пошта, а не како досега да патуваат до дипломатските претставништва за да го дадат својот глас. Тоа е претешко и за најголемите патриоти оти одзема време и пари.

Прекрасна работа е електронското гласање и навистина е големо олеснување. Се разбира, такво олеснување не може да има за гласачите во Македонија. За нив тајноста е гарантирана, натаму ќе притискаат со прстите, ќе им ги прскаат ноктите, ќе ги возат со бугарски возови, натаму во нивните станови ќе има пријавено и други непознати гласачи и сè она што се случува редовно досега на изборите. Сега е важно да се прикаже во јавноста дека некој сака да им забрани на иселениците да гласаат по мерка на ВМРО-ДПМНЕ и сегашните и евентуално идни коалициски партнери.

Кој побрзо ќе распадне – ЕУ или Македонија?

Навистина, без иронија, добра е идејата за електронско гласање, па и по пошта, но за сите што имаат право на глас дома и во светот, но за тоа нема безбедносни гаранции за неможност од злоупотреби. Гаранциите се задолжителни само за тоа што постојано ги бара премиерот од целиот свет, а не гарантира ништо за иднината на својот народ. Уште многу вода треба да протече по Вардар додека во Македонија не се воспостави вистински демократски систем и култура да биде изводливо дигитално изјаснување на граѓаните без злоупотреби.

Замислете ќе сме изгубеле четири милиони евра европски пари што не е донесен изборниот закон на време. Каква штета. Тоа што изгубивме милијарди евра поради блокадите и гаранциите на ВМРО-ДПМНЕ, што никој не ги дава, е тоа е веќе висок патриотизам, неизмерно достоинство и голема гордост. Има ли поголема гордост и поголемо херојство и во наредните десет, или поточно 25 години, да ѝ се каже на ЕУ доста е веќе со вашите лажни ветувања. Ваквиот херојски чин, кога ќе се пресмета колку сме добиле и колку сме изгубиле како вечен кандидат за членство во ЕУ, е сосема оправдан, бидејќи сме трета земја по економски раст во Европа, имаме најевтин бензин, најевтина храна, најмала инфлација, плати и пензии што постојано растат по две кафени лажички годишно, а воедно сме и шампиони по спроведување на реформите. Кога тоа можат да го направат Швајцарија и Норвешка, а да не бидат членки на ЕУ зошто не би можела и Македонија. Кога ќе ѝ требаме на ЕУ, прво нека се извинат за неправдите што ни ги нанесоа, нека ги платат штетите што ни ги направија, па потоа на референдум без бојкот ќе одлучат некои идни генерации со сочуван идентитет, јазик, историја и географија, по старите мапи до каде се протега Македонија, дали ќе прифатат, или не, да станеме членка на ЕУ. Ако Европа дотогаш не се распадне, како што предвидуваат нашите политичари визионери, за разлика од велепредавниците и непријателите што предвидуваат дека Македонија ќе се распадне пред ЕУ.

Тие што нема да ја препознаат иронијата во овој текст како обид за пародија на нашата реалност можат да го читаат како што и ги прифаќаат лагите за големите успеси на власта. Фактите и аргументите напишани на друг начин се здодевни и залудни. Или, како што на времето уште пред 50 години некои умни луѓе констатираа „што повеќе аргументи против злоупотребите и криминалите на власта, толку полошо по нив“. Се мисли на аргументите.

(Авторот е новинар и публицист)

Независен

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот