Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц / фото: Wikipedia

Вајц го впери прстот во корупцијата, Муцунски — во Софија

Слушај ја веста

Несомнено е дека треба да водиме дијалог со Софија и да одржуваме состаноци на највисоко ниво, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски по изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц. „За“ извештајот гласаа 43 членa на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), „против“ беа 17, а 13 гласаа „воздржано“.

Во однос на амандманите во извештајот поднесени од бугарски европратеници, Муцунски смета дека треба да има повеќе средби на високо ниво со бугарската страна, но според него проблемот е што, меѓу другото, Бугарија го прекршува договорот за добрососедство.

Бугарија во тој договор се има обврзано дека ќе го поттикнува и ќе го поддржува нашиот евроинтеграциски пат, а не го прави тоа. Доколку ме прашате дали ние треба да имаме повеќе средби на високо ниво, треба да имаме. Следната недела очекувам јас и претседателката Сиљановска да бидеме во Софија. Има еден регионален настан каде што повторно ќе се среќаваме со нашите колеги, повторно ќе разговараме. Ние го немаме изборот и го немаме луксузот како европска држава, како членка на НАТО, да се оттргнеме од комуникацијата со нашите соседи, колку и да биде некогаш тешка таа комуникација – изјави Муцунски.

Малигно странско мешање и кампањи за дезинформации

Напредокот на Северна Македонија во однос на реформите на патот кон Европската Унија е недоволен, особено во делот на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата, предупредуваат членовите на АФЕТ во извештајот. Европратениците ја нагласуваат својата целосна поддршка за посветеноста на Северна Македонија на членството во ЕУ и нагласуваат дека напредокот во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи.

Во усвоениот извештај од АФЕТ се наведува дека политичката поларизација во земјава продолжува да ги одлага клучните реформи и се повикуваат политичките партии да соработуваат за унапредување на европската траекторија на земјата.

Европратениците предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Тие, исто така, предупредуваат на координирани обиди за манипулирање со информациската средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку малигно странско мешање и кампањи за дезинформации.

– Драго ми е што Комитетот АФЕТ го усвои извештајот за земјата во овој клучен момент за проширување на ЕУ. Земјата неодамна презеде важни реформски чекори и од суштинско значење е Владата да продолжи со овие напори и цврсто да остане на патот кон интеграција во ЕУ. Иднината на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија – порача Вајц во своето обраќање пред членовите на Комитетот.

Извештајот понатаму ќе биде даден на гласање во Европскиот парламент.

Усвоени амандмани

Усвоената верзија на извештајот, неофицијално, содржи и 11 компромисни амандмани на текстот, од вкупно 403 што беа поднесени во март, а чија содржина сè уште не е објавена од Европскиот парламент.

Неофицијално, усвоени се и два амандмана на бугарските европратеници што бараат резултати од историската комисија со Бугарија и спроведување на протоколите. Станува збор за амандманите 371 и 374 , во кои бугарските европратеници бараат резултати од историската комисија со Бугарија, повикувајќи се на членот 12 од Договорот за добрососедство, со барање за трета меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија и спроведување на протоколите. Со амандманите се нагласува дека Комисијата не се состанала од јули 2022 и се бара заедничката експертска Историско-образовна комисија да постигне „конкретни резултати“ што ќе се засноваат на „објективни историски извори“, „научна интерпретација“ и „автентични документи“ и да бидат во линија со вториот протоколот од Договорот со Бугарија.

Сè уште не се знае дали амандманот 108 на известувачот Вајц е вметнат во компромисните амандмани што го поминаа филтерот на АФЕТ. Во него

се бараше правната служба на Европскиот совет да оцени дали вториот протокол од Договорот со Бугарија е дел од Преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.

Ковачев: Нема вето од Бугарија

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, по состанокот на АФЕТ изјави дека е време Скопје да престане да го користи терминот „лошиот источен сосед“ како изговор и да ја префрла одговорноста на Бугарија.

Убеден сум дека во Скопје многу добро разбираат што треба да направат – да почнат да ја спроведуваат преговарачката рамка што самите ја усвоија и која е основа на нивниот европски пат. Време е да престанат да го користат „лошиот источен сосед“ како удобен изговор и да ја префрлат сопствената одговорност врз Бугарија. Вистината е јасна – нема вето од Бугарија. Постојат европски услови, договорени и прифатени од сите земји членки, вклучително и самата Северна Македонија. Додека овие обврски не се исполнат, не може да има напредок кон членство. Не поради Бугарија, туку поради одбивањето на Владата во Скопје да ги спроведе обврските што ги презеде – изјави Ковачев непосредно по изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија.

Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје на средба со Мицкоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот