Напредокот на земјава со реформите за ЕУ е недоволен, заклучија европратениците кои го усвоија извештајот за Македонија
Денеска во Комитетот за надворешни работи ( АФЕТ) во Европскиот Парламент, со 43 гласа „за“ и 17 „против“, беше усвоен извештајот за Македонија, во кој се порачува дека напредокот во реформите е недоволен и дека во земјава постои силна политичка поларизација. Европратениците предупредија на опасноста од малигно странско мешање и кампањи за дезинформации.
Препорачано
Усвоени беа 11 компромисни амандмани, чија содржина досега не е објавена, како и два амандмани на бугарските европратеници кои бараат резултати од историската комисија со Бугарија и имплементација на протоколите.
Известувачот за земјава во ЕП, Томас Вајц, претходно, во обраќање пред членовите на АФЕТ, извештајот за Македонија го нарече „тешко досие“ кое се подготвувало со голема поддршка од пет групи во Европарламентот.
Европратениците порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ, но жалат што има недостаток на напредок од последниот извештај за земјата, недоволен напредок во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Ги повикаа сите политички партии во земјата да се оддалечат од жестата реторика и да соработуваат за унапредување на патот кон ЕУ. Предупредија на странско мешање и дезинформациски кампањи.
Комитетот изразува загриженост за недоволниот напредок во независноста на судството и напорите за борба против корупцијата, а европратениците предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Тие нагласуваат дека одржливиот економски раст зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
Усвоени се и амандманите 371 и 374 , во кои бугарските европратеници бараат резултати од историската комисија со Бугарија, се повикуваат на членот 12 од Договорот за добрососедство со барање за трета меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија и имплементација на протоколите.
„(Комитетот) изразува силна загриженост што последната седница на Заедничката Меѓувладина комисија, формирана според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се одржа на 17 јули 2022 година и оттогаш не е одржана нова сесија; ги повикува владите на Бугарија и Северна Македонија брзо да ја организираат Третата сесија на ЗМК за да продолжат кон имплементација на Договорот и неговите протоколи“, пишува во документот.
„Комитетот силно ја повикува заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, формирана како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија, да постигне јасни и опипливи резултати; текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија“, се додава меѓу другото во извештајот.


