Ратко Капушевски и Асмир Јахоски

Политичко-обвинителско разногласие за случајот „Мазут“ — пред чии докази боговите молчат?

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски искрено кажа дека на повраќање го тера одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ по едногодишна истрага да го затвори случајот со злоупотреба на мазутот поради немање докази за обвинение, а на македонскиот народ ќе му се згадело од страшните докази што ги имало за овој случај.

– Кога имате состанок со истражители што ви велат: „Министре, ова што се случува во овој предмет е во најмала мера надвор од памет“, јас прашувам зошто е тоа така. Тие појаснуваат дека станува збор за непостапување во согласност со доказите што се темелно анализирани и кои даваат основано сомнение за криминал – рече Тошковски во гостување во емисијата „Топ тема“.

Тошковски не кажа прецизно како правно ќе ја побие оваа одлука на Обвинителството, туку само ја спомена една од неговите омилени народни поговорки – „пред фактите и боговите молчат“.

– Јас не планирам да се борам со ниту еден обвинител. Кога јавноста ќе го види тоа што го видов јас, а не може да не го види. Ќе дојде ден. Но, не може да ставате такви работи под тепих. На повраќање ме тераше фактот што го видов, а притоа не е ниту од далеку соодветно процесиран во постапката што е во тек. Не смееме да дозволиме и никогаш нема да дозволам, барем додека сум на оваа позиција, предмет со такви страшни докази во насока на докажување одредено кривично дело од кое ќе му се згади на македонскиот народ, така да се затвори. И нема да дозволам – изјави Тошковски.

Од друга страна, републичкиот јавен обвинител Ненад Савески на последниот брифинг со новинарите воопшто не оддаде впечаток дека не ја поддржува работата на обвинителката Коларевиќ, но сепак неколкупати напомена дека одлуката за запирање на истрагата не е конечна. Принципиелно рече дека стои зад одлуката на обвинителката, иако не го видел детално случајот.

– Ми беше чудна и реакцијата на политичарите. Сметам дека подобро е да ја запре истрагата, отколку да се поднесе обвинение, па тоа обвинение да заврши, да речеме, со ослободителни пресуди – рече Савески.

Ненад Савески, државен јавен обвинител / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој не сакаше да ги коментира изјавите на политичарите за истрагата, ниту онаа на Тошковски дека јавноста ќе биде шокирана. Обвинителот дури и се дообјасни за впечатокот во јавноста дека не бил консултиран за одлуката на Коларевиќ. Всушност, како што рече, обвинителката го известила за одлуката пред да биде објавена, заедно договориле брифинг за новинарите, но не била реферирана пред Републичкото јавно обвинителство, практика за која Савески рече дека ќе замине во историјата, односно ќе се реферираат предмети за кои навистина е тоа потребно, а не сите.

Она што фрли ново светло на случајот е тоа што за жалбата што ја поднесе ЕСМ за случајот за мазутот му била распределена на вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој заедно со поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулаху, кој поднесе оставка, беше суспендиран, а потоа вратен на работа, и за кого има обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба поднесен во штипскиот суд.

Пропадна предметот со Капушевски и Јахоски за мазутот — „не се утврдени злоупотреби“, вели Обвинителството

Всушност, тој ќе одлучува по приговорот што го поднесе државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за овој предмет и со кој побара негова контрола. Савески го потврди ова, но и дека има обвинителен предлог за Цветановски и тој ќе треба да одлучи дали ќе има одлука за реотворање на истрагата или за запирање.

За Савески е разбирливо што јавноста се интересира како овој предмет бил доделен токму кај обвинител за кого вработени сведочеа дека правел злоупотреби со распределба на предмети, но вели дека тие како Обвинителство мора да ја почитуваат одлуката на Советот на јавни обвинители.

– Сега е виш јавен обвинител и не може да учествува во распоредувањето, не е во позиција да распределува. Ние мораме да го почитуваме законот. Одлуката за негово суспендирање е укината, а предметот е повторно вратен пред дисциплинската комисија. Тука нема по кој основ тој обвинител не би постапувал по предмети. Кога би било поинаку, би било спротивно на Законот. Ако го обвинат, во која фаза како ќе се развива таа состојба, така ќе се постапува – рече Савески.

Цветановски за „Слободен печат“ рече дека предметот по распоред бил доделен кај него, а за постапките што се водеа против него, обвинуваше дека е мета затоа што сакаше да ги воскресне бонусите на обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство.

Савески, пак, вели дека тој има релативен рок од 30 дена за одлука, но нема веднаш да се прави контрола и надзор над предметот бидејќи е во фаза на второстепено одлучување за да не се прави притисок врз обвинителот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот