Илустративна фотографија за сирење / Фото: Pexels

АХВ идната недела ќе ги објави млекарниците што мамеле со декларации, две се увозници, осум домашни компании

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) идната недела ќе ги објави имињата на компаниите кај кои биле утврдени неправилности при декларирањето на млечни производи, најави директорот на институцијата, Оливер Миланов.

Според него, станува збор за вкупно десет оператори со храна, од кои две се увозни компании, а осум се домашни производители. Кај нив биле откриени отстапувања меѓу декларираниот и реалниот состав на производите, при што безбедноста на храната не била загрозена, но бил нарушен квалитетот и потрошувачите биле доведени во заблуда.

-Доколку на декларацијата е наведено дека производот содржи 24 проценти масти, а анализите покажат дека има само пет проценти, тогаш станува збор за измама на потрошувачите. Таквата храна се повлекува и се уништува- изјави Миланов.

Контролите опфатиле различни млечни производи, меѓу кои кашкавали, сирења, павлака, јогурт и млеко. Во моментов се спроведуваат дополнителни проверки за да се утврди дали неправилностите се изолиран случај или практика која траела подолг временски период.

Директорот на АХВ оцени дека сегашните казни за ваквите прекршоци не се доволно строги, поради што веќе се подготвуваат законски измени. Една од мерките што се разгледуваат е одземање на дозволата за работа на операторите кои повторно ќе бидат фатени во манипулации со декларациите.

Во меѓувреме, АХВ ги очекува и резултатите од анализите на месните преработки. Според Миланов, резултатите за салами, виршли и паштети би требало да бидат познати од понеделник, а не е исклучено и таму да бидат констатирани одредени отстапувања.

-Очекувам да има одредени неправилности бидејќи кај овие производи се користат повеќе ароми, бои и адитиви, но ќе ги почекаме официјалните лабораториски резултати- рече Миланов.

Скандал со млечни производи: Не може да се тужи без имиња на млекарниците што продавале сирење без млеко

Тој ги повика граѓаните да пријавуваат сомнителни производи и неправилности во маркетите, продавниците и угостителските објекти, нагласувајќи дека АХВ останува првата контролна точка за безбедноста на храната во државата.

Според податоците на Агенцијата, во периодот од 4 јуни 2024 година до денес биле уништени повеќе од 800 тони небезбедна храна, додека над 300 тони биле вратени во земјата на потекло или уништени на депонии во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот