Скандал со млечни производи: Не може да се тужи без имиња на млекарниците што продавале сирење без млеко
Од Организацијата на потрошувачи велат дека немаме закон што предвидува колективна тужба, иако останува можноста граѓаните поединечно да тужат. Поединечната тужба е неисплатлива.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не ги објавува јавно имињата на млекарниците кај кои беа утврдени неправилности во нивното работење, бидејќи „сè уште се правеле дополнителни испитувања“. Иако се изречени казни до овие производители, јавноста сѐ уште не знае кои компании продавале производи што не одговарале на декларациите што биле истакнати на млечните производи.
Институциите молчат кога станува збор за тоа кои компании го прекршиле законот, поради што потрошувачите без тие информации немаат можност да побараат обесштетување.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов вели дека имињата на млекарниците засега не се објавуваат, бидејќи се спроведуваат дополнителни проверки.
Препорачано
– Се прават дополнителни испитувања на сите спорни производи кај млекарниците кај кои имаше недоследности во производството. Сега нашите инспектори прават контроли и во месната индустрија. Се контролираат полутрајни и трајни производи, виршли, салами и паштети – изјави Миланов за „Слободен печат“.
Тој додава дека сите оператори кај кои биле утврдени неправилности се санкционирани, а висината на казните се движи од 50 до 5.000 евра, во зависност од тежината на прекршокот.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар, предупредува дека потрошувачите практично немаат начин да ги заштитат своите права, бидејќи не се знае кои компании ги направиле прекршоците.
– Потрошувачите практично не знаат кого да тужат, затоа што официјално – нема виновници. Штом нема имиња на фирми, нема ни прекршители. За жал, немаме ниту закон што дозволува групна тужба – вели Лончар.
Таа посочува дека граѓаните можат да поведат само индивидуални судски постапки, но дека тоа е сложен и скап процес.
– Затоа што не знаат за кој производ станува збор и во која временска рамка бил тој со отстапувања. Згора, граѓаните треба да ја чуваат и фискалната сметка кога го купиле тој производ. Судот би бил затрупан со тужби! Процесите се скапи и траат долго, а прашање е дали сите што би поднеле тужба би биле обесштетени – додава таа.
Лончар смета дека објавувањето на имињата на прекршителите е важно и поради заштита на производителите што работеле по прописите.
– Граѓаните сега не знаат кому да му веруваат. Има и една друга работа – една млекарница има многу производи. Ако има отстапувања во еден производ, другите можеби се во ред и немаат никаков проблем – вели Лончар.
Што открија контролите на АХВ?
Според официјалното соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамките на вонредните контроли биле земени 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз. Од анализираните 45 мостри млеко и млечни производи, кај 10 оператори биле утврдени неправилности. Лабораториските анализи покажале дека во дел од производите има значително помал процент на млечна маст од оној што бил наведен на декларациите.
Кај еден оператор биле одземени 22 килограми ситно сирење, кое било декларирано со 20 проценти млечна маст, а анализите покажале дека содржи само 1 процент. За овој прекршок е изречена казна од 3.500 евра.
На уште осум производители и увозници им биле изречени казни од по 1.050 евра поради разлики меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст во производите.
Кај друг оператор било утврдено користење растителни односно палмини масти во млечен производ. Компанијата била казнета со 1.300 евра, а 500 килограми од спорниот производ биле повлечени од продажба и уништени.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли ќе продолжат и во наредниот период.
Адвокат бара институциите да ги објават имињата на компаниите
Адвокатот Горан Нациќ за „Телма“ вели дека институциите треба што поскоро да ги објават компаниите кај кои се утврдени измами особено ако спорните производи сè уште се наоѓаат во продажба.
– Надлежните институции наскоро треба да ги објават компаниите кои, според информациите со кои располагаме од јавноста, сториле измамничко однесување, со цел да ги заштитат потрошувачите. Ако производите се веќе отстранети од пазарот, потрошувачите се безбедни. Доколку не се отстранети, тогаш е добро што побрзо да се објави оваа информација – изјави Нациќ за ТВ Телма.
Тој посочува дека Македонија сè уште нема механизам за колективна или групна тужба преку која би можело да се бара обесштетување за сите оштетени потрошувачи.
– Секој од овие потрошувачи има право да бара индивидуално обесштетување. Но, се поставува прашањето дали се исплати да се плаќа адвокат и судски трошоци за еден, два или три килограми сирење купени во спорниот период – вели Нациќ.
Иако се подготвуваат измени на Законот за парнична постапка, тие во моментов не предвидуваат воведување класична групна тужба за потрошувачки права во случаи на измамничко однесување на производители и трговци.


