МАМАВИЗИЈА | Зуица Лазова: Бев во неизмерна тага кога дознав дека сум бремена
Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Зуица Лазова, дама со харизма, сопруга на врвниот пејач Наум Петрески и еден од најдобрите вокали на нашата сцена, со восклик ја прифати поканата да гостува во „Мамавизија“, каде што зборуваше со отворено срце за сите премрежиња низ коишто поминала како мајка.
Препорачано
Ќерката ја родила вонбрачно, но вели дека во ниту еден миг не се посомневала дека сака да ја има.
-Мајка ми почина во 2000 година. Бев во неизмерна тага кога набргу по трагедијата дознав дека сум бремена. И покрај несредената врска со Наум, тој сè уште не беше официјално разведен, во ниеден момент не се посомневав дека нема да ја родам. Кога сега ќе се присетам, целата таа бременост помина во такво премреже, вознемиреност. Бев до последен момент во неизвесност дали ќе добијам решение на работа, до шестиот месец не кажував од страв дека ќе ме избркаат затоа што сум трудна. И тогаш имав настапи, го криев стомакот со широка облека – се присетува Лазова.
Како еден од најтешките моменти го издвојува денот кога му соопштила на татко ѝ дека ќе стане мајка.
– Најтешко ми беше како ќе му кажам на тато. Па тој само што ја изгуби жената на својот живот. Долго време собирав храброст да му соопштам дека ќе родам дете вонбрачно. Тоа беше многу чудно за мене, растена во конвенционално семејство со строги правила. Другарките ме бодреа и во четвртиот месец од бременоста едноставно и директно му кажав дека ќе родам дете од човекот што го сакам и така ќе биде, оти не сакам да бидам со некого во брак само „ради реда“ – се присетува таа.
Со ќерката живеела сама четири и пол години додека официјално се приклучил и таткото Наум, кој ќе го опише како посветен и попустлив родител.
– Јас сум полицаецот дома, таа што вика, построгиот родител, ама пак Наум повеќе го слушаат. Не знам како успева – вели Лазова.

За синот Стефан низ смеа вели дека е „на Господ бељата“.
– Толку пекавме син, син, посебно Наум, ама тој син скапо нè чинеше. Колку што Македонка беше мирна, дупло повеќе беше немирен Стефан. Како дете беше страшно темпераментен, а тоа многу добро го знаат сите наши блиски. Да беше прв роден Стефан, не знам дали ќе сакав второ дете – насмеано раскажува таа.

Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


