Во сила стапија новите правила за влез во Хрватска – еве што смеете да носите за да избегнете казни
При влез во Европската Унија од трети земји, патниците и превозниците треба да внимаваат на новите правила што од 1 јуни 2026 година целосно се применуваат во Хрватска, објави „Вечерњи лист“.
Препорачано
Покрај обврските за пријавување стока што се внесува со патен или со железнички транспорт, важат и строги ограничувања за тоа што патниците смеат да внесат во личниот багаж.
За патниците кои доаѓаат од трети земји, меѓу кои Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, не е дозволен внес на месо, млеко и производи од месо и млеко.
Дозволено е да се внесат до 20 килограми риба и рибни производи по човек, како и до 2 килограми мед, јајца и други производи од животинско потекло. Дозволени се и до 2 килограми специјална храна за доенчиња, медицинска храна и храна за домашни миленици.
Леб, бисквити, чоколада, тестенини, додатоци во исхраната и слични производи што ги исполнуваат пропишаните услови може да се внесуваат за лична употреба без посебни количински ограничувања.
Производите што ги надминуваат дозволените количини подлежат на ветеринарен преглед и мора да бидат придружени со соодветна документација. Непријавените или недозволените производи од животинско потекло се одземаат и се уништуваат, а патникот може да биде парично казнет.
При влез во ЕУ постојат и ослободувања од царина, ДДВ и акцизи за стока за лична употреба до одредена вредност, зависно од видот на транспортот. За авионски и поморски сообраќај лимитот е 430 евра, додека за патен и железнички транспорт изнесува 300 евра. За патници под 15 години лимитот е 150 евра.
Постојат и ограничувања за внес на алкохол и тутун. Дозволени се 40 цигари или еквивалентни тутунски производи, 1 литар жесток алкохол или 2 литра алкохол со помала јачина, како и 4 литри вино и 16 литри пиво. Овие ослободувања не важат за луѓе помлади од 17 години.
Од оваа обврска е изземена стоката што се наоѓа во личниот багаж на патниците. Под личен багаж се подразбираат лични предмети потребни за патување и предмети наменети за лична употреба.
Важно е да се напомене дека стоката што се превезува во товарниот простор на возила наменети за транспорт на стока, како градежен материјал, мебел, апарати за домаќинство, резервни делови и слично, не се смета за личен багаж и подлежи на редовна царинска постапка.
Од 1 јуни 2026 година започна целосната примена на новите европски правила во Хрватска, со што задолжително стана поднесувањето влезни скратени декларации за стока што по патен или железнички транспорт се внесува во царинското подрачје на Европската Унија преку царинските испостави на прв влез во Хрватска.
Обврската за поднесување на декларацијата првенствено е на превозникот, но таа може да биде поднесена и од негов застапник, од примателот на стоката или од друг овластен. За поднесување на декларацијата, превозникот, декларантот и застапникот мора да имаат активен ЕОРИ-број регистриран во Европската Унија.
Роковите за поднесување на декларацијата се најмалку еден час пред пристигнувањето кај патниот транспорт и еден до два часа кај железничкиот транспорт.
Ненавременото поднесување на декларацијата може да предизвика доцнења и застои во понатамошните царински постапки.


