Авторите на „Саут Парк“ не се повлекуваат — ветуваат уште пожесток удар врз Трамп во новата сезона
„Ако сакаат да нè избркаат од градот, куферите ни се веќе спакувани“, порачува Треј Паркер.
Креаторите на популарната анимирана серија „Саут Парк“ (South Park), Мет Стоун и Треј Паркер, порачаа дека немаат намера да отстапат од исмевањето на американскиот претседател Доналд Трамп преку сатира во претстојната сезона, дури и покрај тоа што, според нивните зборови, најновата група што се обидува да ги цензурира „располага со војска“, пишува „Си-би-си“.
Препорачано
Овие зборови на наградуваните креатори доаѓаат од специјално видео снимено за 19. доделување на наградите „Television Academy Honors“. Во него, тие ја бранеа својата анимирана серија, како и одлуката во последните неколку сезони брутално да ја исмеваат администрацијата на Трамп. Дуото тврди дека „Саут Парк“ веќе долго ја игра улогата на „дворски шут“ во Америка, но во последно време, како што велат, самиот Трамп е решен да ја преземе таа улога.
„Веќе 30 години, секогаш постои некоја група која се обидува да ви каже што смеете, а што не смеете да кажете, и таа група постојано се менува“, изјави Паркер, осврнувајќи се на долгата историја на критики поради нивниот хумор кој ги поместува границите. Таа група била и либерална и републиканска. Ние секогаш знаевме дека нашата работа е да бидеме џокерот во општеството. Тоа е потребно. Потребен ви е некој кој едноставно ќе се мајтапи со работите. Тоа е прекрасна улога. Но, за жал, во моментов имаме претседател кој мисли дека неговата работа е да биде џокерот“.

Мет Стоун ја продолжи мислата, објаснувајќи зошто решиле да го направат Трамп главен негативец во изминатата сезона:
„Моравме да им ставиме до знаење на луѓето без разлика дали им се допаѓа или не, ова сме ние, јасно?“
Кога „Саут Парк“ се врати на малите екрани во 2025 година по двегодишна пауза, сезоната започна со шокантна сцена во која Трамп е прикажан во кревет со Сатаната, реплицирајќи го начинот на кој креаторите го прикажаа поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин во нивниот филм од 1999 година, „South Park: Bigger, Longer & Uncut“.
Во нивен препознатлив стил, насочен директно кон „болните точки“, епизодата заврши со лажна изборна реклама во која беше прикажана целосно гола, со АИ-генерирана верзија на Трамп како талка низ пустина, додека нараторот најавува експлицитни и навредливи шеги на сметка на неговата анатомија.
Покрај претседателот, во политички „наелектризираната“ сезона беа исмеани и потпретседателот Џеј Ди Венс, поранешната министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, како и поранешната јавна обвинителка Пам Бонди.
Додека Бонди не реагираше на нејзиното појавување во серијата, Венс во август минатата година се огласи на социјалната мрежа Икс со кус коментар:
„Па, конечно успеав во животот“.
Кристи Ноем, пак, во едно поткаст-интервју ги критикуваше креаторите затоа што се фокусирале на нејзиниот изглед, нарекувајќи го тоа „мрзлив хумор во кој постојано се исмеваат жени за тоа како изгледаат“.
Официјален Вашингтон дефинитивно не беше воодушевен од она што го виде. Како одговор на премиерата, Белата куќа испрати соопштение до магазинот „Rolling Stone“, во кое ја нападна „лицемерноста на левицата“.
Но, Стоун и Паркер велат дека воопшто не се потресуваат, напротив, уште повеќе се мотивирани да продолжат со истата динамика:
„Сега, навистина воопшто не ни е гајле. Уште од времето кога почнувавме, кога луѓето ни велеа: ’Еј, не смеете да го правите ова, тоа ќе ви ја уништи кариерата‘, ние одговаравме: ’Добро, сепак ќе го направиме. Кога правите вакви работи, мора да бидете бестрашни. Нема да се плашиме од никого. Ако решиме да направиме нешто, го правиме она што е најсмешно, она што е најдобро и едноставно одиме до крај. А ако сакаат да нè избркаат од градот, нашите куфери се веќе спакувани, и тоа е супер“.
На ова, неговиот колега Мет Стоун низ смеа додаде:
„Јас во тој случај едноставно ќе си заминам во некоја од моите други куќи“.


