Клековски: Над 650 пациенти чекаат вештачки колкови
Вештачки колкови чекаат над 650 пациенти, во три главни јавни здравствени установи има значителен пораст на бројот на интервенциите, а пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува, посочи на денешниот брифинг со новинарите, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Препорачано
Тој истакна дека има значителен пораст на операциите на колк и колено. Вкупно 4.044 интервенции имало во 2025 година. За 9,9 проценти имало пораст за периодот 2023-2025 година. Се работело за 14 опфатени јавни здравствени установи. Клековски истакна дека земјава е солидна во замена на колкови, но во однос на интервенции на замена на колена сè уште заостанува зад регионот.
– Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“ и понатамошен развој на коленската артропластика – нагласи Клековски.
Тој се осврна и на неколкуте препораки. Така, покрај отворање на оперативните блокови во Клинички центар и ГОБ „8 Септември“, се препорачува континуиран синџир на снабдување, тендери да се распишуваат најмалку четири месеци пред истекот на договорот, групна/рамковна набавка за управување на набавки и залихи наспроти листи на чекање, стандардизација на клиничките патеки, намалување на варијациите во просечниот болнички престој мегу установите, централизиран регистар на чекање со максимален рок за неитни интервенции – препорака: до три месеци.
– Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото во „8 Септември“ и на Клинички, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некој, кај кого можеби има слободен термин – посочи Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
Клековски нагласи дека во анализата не се вклучени пациенти од приватните здравствени установи во државата.


