Жители на Ново Лисиче бараат мир: Прегласна музика ечи од детската улица, на игралиштата се „лупа“ со топка цела ноќ!
По новите поплаки доставени пред неколку дена, инспекциските служби повторно стапија во контакт со претставниците на Здружението и им наложија системот да биде ставен вон употреба до целосно отстранување на проблемот со гласноста на музиката – тврдат од Аеродром.
Граѓани кои живеат во зградите во близина на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче се жалат на прегласната музика, која секојдневно свири до доцните вечерни часови.
Препорачано
Како што велат, повеќепати пријавувале во Општина Аеродром за решавање на проблемот со гласната музика, но ова само накусо се решава и потоа повторно ечи оставајќи ги граѓаните секоја вечер без сон.
На 10 мај пријавив прегласна музика на детската улица. Веднаш потоа јачината беше намалена и помисливме дека конечно некој го разбрал проблемот. Денес е 3 јуни и очигледно повторно на некого не му било доволно гласно, па звукот повторно е засилен. Ова го пишувам на полноќ, во исчекување конечно да се исклучи музиката и со надеж дека ќе успеам да поспијам. Навистина прашувам: дали е нормално музика да свири во време предвидено за одмор? За кого свири? За кого е наменета? – прашува жителка на Ново Лисиче во објава на Фејсбук.
За маката со која се соочуваат се огласија и многу други граѓани, а како што посочуваат едно семејство дури и се иселило од населбата откако со години поднесувале претставки, молби и жалби, контактирале со општината, па дури и со лицето кое ја поставило и регулира музиката.
Практиката на детската улица да се пуштаат песни од Тоше Проески, во чест на музичката легенда, трае веќе десетина години и на жителите не им пречи доколку се почитува предвиденото време и доколку музиката се пушта со соодветна јачина. Но тоа, како што тврдат, најчесто не е така, а тешко е секојдневно да се живее по 14-15 часа со прегласна музика.
Од Општина Аеродром објаснуваат дека со одлука на Советот на Општина Аеродром од 2016 година е дадена согласност за поставување систем за озвучување по должина на улицата „Тоше Проески“ од страна на Здружението на Власите на Македонија „Мандра“. Согласно со одлуката, како што велат, музика може да се емитува секојдневно од 10 до 22 часот, а надзорот над почитувањето на условите го вршат општинските инспекциски служби.
По претставка од граѓани во март годинава беше извршен инспекциски увид и на Здружението „Мандра“ му беше укажано да постапува согласно со одлуката на Советот. Тогаш беше посочено дека постои можен технички проблем со системот за озвучување, поради што истиот одреден период не беше во функција. По новите поплаки доставени пред неколку дена, инспекциските служби повторно стапија во контакт со претставниците на Здружението и им наложија системот да биде ставен вон употреба до целосно отстранување на проблемот со гласноста на музиката – тврдат од Аеродром.
Жалби има и за игралиштата кои, како што тврдат граѓаните, се осветлени цела ноќ и до раните утрински часови се слуша „лупање“ со топка и врева од луѓе. На прашањето зошто не се гаснат светлата преку ноќ, за да им се овозможи на жителите да спијат мирно, од Општината тврдат дека ноќе нема светло на игралиштата, но дека некои граѓани сами ги вклучуваат рефлекторите.
Во однос на поплаките за користењето на спортските и детските игралишта во доцните вечерни часови, Општина Аеродром редовно врши контрола на работата и тајмингот на рефлекторите на терените. На спортските игралишта е воспоставен систем за автоматско палење и гаснење на рефлекторите и тие не се вклучени во текот на целата ноќ. Сепак, во повеќе наврати е констатирана појава на неовластено вклучување од страна на корисници на терените, поради што случаите повеќепати се пријавувани во МВР – посочуваат од локалната самоуправа.
Оттаму тврдат дека ќе продолжат да преземаат мерки со цел да се обезбеди почитување на јавниот ред и мир и квалитетот на живот на жителите.


