Новиот проект на Александар Поповски и Кирил Џајковски, „Идеален маж“, предизвика голем интерес во Загреб
На големата сцена на ХНК (Hrvatsko narodno kazalište) во Загреб на 5 јуни ќе се одржи премиерата на „Идеален маж“ според познатата драма на Оскар Вајлд, во режија на еден од најреномираните македонски и европски театарски режисери, Александар Поповски, со музика на истакнатиот македонски композитор и музички автор Кирил Џајковски.
Препорачано
Оваа премиера е и ново поглавје во една од најплодните и најуспешни уметнички соработки на Балканот. Поповски и Џајковски повеќе од две децении создаваат заедно, реализирајќи над 20 театарски проекти на сцените на најзначајните театри во регионот и Европа. Нивната заедничка естетика, препознатлива по силната драматуршка динамика, современиот сценски израз и впечатливата музичка атмосфера, остави длабока трага во современиот европски театар.
Нивната соработка резултираше со неколку култни претстави кои беа препознаени и од критиката и од публиката како антологиски остварувања. Оваа година дури две нивни соработки беа избрани меѓу најдобрите театарски претстави во Хрватска во последните 25 години, потврдувајќи го исклучителното влијание што овие двајца македонски автори го имаат врз современиот театарски простор во регионот.
Во „Идеален маж“, едно од најзначајните дела на Оскар Вајлд, Поповски повторно се навраќа на темите што ја одбележуваат неговата режисерска поетика – политичката моќ, моралот, лицемерието и општествените маски. Музиката на Џајковски, која претставува неразделен дел од нивниот заеднички сценски јазик, носи дополнителна емоционална и современа димензија на оваа безвременска приказна.
Важно е да се напомене, дека во креативниот тим на претставата е вклучен уште еден претставник од нашата држава, македонската костимографка Миа Поповска, чиј современ авторски пристап значајно придонесува за визуелниот идентитет на оваа претстава. Оваа претстава го освои Загреб уште пред премиерата и сите пет изведби во јуни се во целост распродадени.
Фактот што токму оваа претстава е избрана да ја затвори драмската сезона на ХНК претставува уште една потврда за меѓународниот углед на македонските уметници кои со години создаваат театар што ги надминува националните граници и остава траен белег во европската култура.


