Претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар Скопје ќе биде изведена на отворањето на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар Скопје на 5 јуни свечено ќе биде отворен драмскиот сегмент на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, во 20 часот.
Препорачано
Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, годинава под мотото „Храбриот нов театар“, ќе отвори дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар што има став, што провоцира, преиспитува и не молчи. „Фестивалот е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја создаваме – меѓу минатото, сегашноста и новите театарски визии“, истакнува уметничката директорка на фестивалот проф. д-р Ана Стојаноска.
Со праизведба на „Мачкина глава“ на 21 април годинава Драмскиот театар ја одбележa 80-годишнината на театарот. Претставата е работена по текст на Венко Андоновски. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.
За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на „Еуродрам“ за најдобри драми во Европа во 2022 година. Авторот за текстот ја сподели мислата дека: „Се прашував дали е возможно денес да се напише ‘Диво месо’ од Горан Стефановски. Ги задржав контурите на ‘Диво месо’ и во ‘Мачкина глава’ се обидов да го искажам крикот на денешниот свет. Свет на војни и цивилизациски неразумности на релација Исток-Запад во кој ние како општество, цивилизација и култура сме на граничникот.“
Режисерот Пројковски за претставата кажа дека е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“.
Во уметничкиот дел од тимот на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски, известија од Драмски театар Скопје.


